Манчевски (Тетекс) и Илиевски (Работнички): Финалето ќе биде посебен натпревар

Објавено на 19 Мај, 2015 во Вести


Спроти утрешниот финален натпревар од Купот на Македонија, голманот на Тетекс, Ванче Манчевски истакна дека за неговиот тим пресметката против актуелниот носител на трофејот ќе биде посебна. Манчевски со многу комплименти зборуваше за Работнички, но нагласи дека играчите на Тетекс ќе дадат се од себе да го освојат трофејот од Купот на Македонија.

-Огромно задоволство е да се игра против Работнички, за нас финалето ќе биде посебен натпревар. Ќе го дадеме максимумот во текот на целиот натпревар, со надеж дека ќе го освоиме пехарот. Сите ме прашуваат за евентуални пенали, но ние меѓу голманите имаме една изрека: „Не постои добро одбранет пенал, има само лошо изведен удар“. Работнички е фаворит, сезонава потврдија дека се многу квалитетни, но ние бевме аутсајдери и пред две години, ќе се трудиме да успееме и сега, изјави Ванче Манчевски.

Фудбалерот на Работнички, Милан Илиевски вели дека Работнички е фаворит, но нема да го потценат противникот.

- Ние ја имаме фаворитската улога и не се плашиме од тоа. Ќе направиме сѐ што е во наша можност да дојдеме до победа. Не го потценуваме тимот на Тетекс, кој направи екипа за почит и сигурно ќе се бори за трофејот. Имаме цел да победиме и се надевам дека ќе успееме, вели Илиевски.

Финалето се игра утре на арената „Филип Втори“во 20.00 часот. Работнички и Тетекс се последните два освојувачи на националниот Куп во 2013 и 2014 година.




   
   
А репрезентација