Објавено на 20 Ноември, 2022 во Вести, Вести
Македонската А репрезентација е поразена од Азербејџан со 1:3 на пријателскиот натпревар одигран денеска на Националната арена “Тодор Проески“ во Скопје. Нашата најдобра селекција одигра под очекувањата, а противникот целосно го искорити „лошиот“ ден на фудбалерите предводени од Благоја Милевски.
Барди донесе водство од пенал, но Азербејџан одигра поквалитетно и заслужено победи.
На почетокот, Македонија беше поопасна. Елмас во 6.минута од лево опасно се закани, но немаше среќа, за малку беше непрецизен. Неколку минути подоцна нова шанса, Елмас од корнер нафрли, гостинскиот голман киксираше, а Николов не успеа да се снајде и да ја погоди празната мрежа.
Потоа следуваше наше водство. Елмас убаво се снајде во гостинскиот шеснасетник, го “натера“ Исаев да го фаулира, а за судијата Јорги Енеа немаше дилеми дека тоа е пенал.
Барди беше сигурен за водство од 1:0 за Македонија.
Во 38.минута Азеребејџан израмни на 1:1, откако Јафаргулиев максимално прецизно го погоди левиот долен агол на немоќниот Шишковски.До крајот на полувремето и двете селекции имаа по една голема шанса, посебно онаа на Несторовски беше изгледна, но неговиот шут со глава за малку беше непрецизен.
Во 52. нминута останавме со играч помалку. Николов доби втор жолт, односно црвен и Македонија остана со играч помалку на влажниот терен на Арената во Скопје.
Сето тоа го искористи Азербејџан, кои во 65.минута постигна гол за 1:2. По нафрлената топка од корнер, Гурбанли со глава успеа да ја затресе нашата мрежа.
Македонија беше во дефанзија, гостите напаѓаа, се закануваа, а ние се обидувавме од контри да дојдеме до израмнување на резултатот.Во 75. минута силите на теренот беа израмнети. Хагверди доби директен црвен картон зошто неспортски стартувашеврз Етеми.
Милевски во игра внесе три нови играчи, Бабунски, Димоски и Бејтулаи, а ги извади Елмас, Ристовски и Ашковски.
Во 80.минута Јани Атанасов испрати “бомба“ кон гостинскиот гол, но ја погоди пречката.Во 83.минута во игра влезе Мартин Мирчевски, негово деби во А-репрезентацијата.
Следуваше нова пречка, овојпат на Барди, а веднаш потоа на спротивната страна Шејдаев стрела прецизно за конечни 1:3.
Пријателски натпревар:
МАКЕДОНИЈА – АЗЕРБЕЈЏАН 1:3 (1:1)
Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Јорги Енеа (Албанија). Стрелци: Барди (п) 25. (МАК), Јафаргулиев 38., Гурбанли 65., Шејдаев 88. (АЗЕ). Ж. Картони: Николов, Елмас (МАК), Мустафазаде, Махмудов(АЗЕ). Ц. Картони: Николов 52. (МАК).
МАКЕДОНИЈА: Шишковски, Ашковски (78. Бејтулаи), Серафимов, Муслиу, Ристовски (78. Дор. Бабунски), Дав.Бабунски (56. Етеми), Барди, Николов, Елмас (78. Димоски), Несторовски (55. Атанасов), Дориев (83. Мирчевски).
Селектор: Благоја Милевски.
АЗЕРБЕЈЏАН: Магомедалиев, Хагверди, Мустафазаде, Хасанализада, Јафаргулиев (82. Салахди), Алмеида (82.Алиев), Махмудов, Кокчу (59. Емрели), Исаев (59. Јамулов), Шејдаев, Гурбанли.
Селектор: Џани де Бјази.