Објавено на 08 Октомври, 2020 во Вести, До 21 год
Извонредна игра на македонската репрезентација до 21 година на гостувањето против Казахстан и убедлива победа од 4:1 во рамки на квалификациите за Европското првенство.
Македонија доминираше во текот на целиот натпревар и освен петте минути во второто полувреме кога домашните постигнаа гол за 1:3 и промашија пенал, се друго мина во наша доминација. Брилијантна партија за Дарко Чурлинов кој постигна два гола и асистираше за трет.
Нашиот тим одигра перфектно и бодовно сега сме во игра за пласман на Европското првенство. Со 13. бода сме втори на табела зад Шпанија.
Во првото полувреме ја контролиравме играта и не дозволивме противникот речиси во ниту еден момент да се закани, главните моменти дојдоа на самиот крај. Дарко Чурлинов, изведе соло пробив од лево, мина двајца и од преку дваесет метри ја погоди мрежета на Казахстан. Само минута подоцна Димитар Митровски изнуди пенал за Македонија. Јани Атанасов од белата точка не погоди, но одбиената топка ја смести во домашниот гол за 0:2.
Само што стартуваше второто полувреме, веќе имавме 3:0 со вториот гол на Дарко Чурлинов.
Омиртаев во 52. минута намали на 3:1, а само три минути подоцна Руфати прави фаул во казнениот простор, по кој беше досуден пенал за домашните, а Шушеначев не реализираше. Ристе Јанков го одбрани пеналот на домашните.
Во 67. минута најдобрата акција на овој меч. Чурлинов доби топка, влезе во шеснаесетникот и во фантастичен стил асистира за Димитар Митровски, кој со удар од прва зголемува на 4:1.
Македонија до 21 година: Јанков, Тодоровски, Личина, Руфати, Антовски (Ацковски 73‘), Атанасов, Здравковски, Даци (Миовски 62‘), Чурлинов (Фазлиу 83‘), Ѓорѓиевски (Тошевски 62‘), Митровски (Гроздановски 75‘)
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....