Љубинко Друловиќ официјално не е селектор на А репрезентацијата на Македонија

Објавено на 16 Октомври, 2015 во Вести, Вести

По натпреварот во Борисов против Белорусија од квалификациите за ЕП 2016. во Франција заврши договорот меѓу Фудбалската федерација на Македонија и селекторот на А репрезентацијата на Македонија, Љубинко Друловиќ.

Фудбалската федерација на Македонија и Љубинко Друловиќ се согласија дека соработката нема да биде продолжена.

Љубинко Друловиќ ја презеде А репрезентацијата на Македонија во април 2015. година. Во квалификациите за Европското првенство во Франција, Друловиќ на пет натпревари како предводник на Македонија забележа четири порази и еден нерешен резултат. Љубинко Друловиќ имаше шест месечен договор  со можност за продолжување во наредните две години. Во договорот стоеше дека целта е Македонија да биде пласирана нe подолу од четвртото место во квалификациската група за Европското првенство.

-Сакам да им се заблагодарам на Фудбалската федерација на Македонија и на Управниот одбор за соработката и поддршката која сето ова време ми ја даваа мене и на стручниот штаб со цел да бидеме успешни. Исто така, сакам да им се заблагодарам на играчите и искрено на секој од нив му посакувам успех во репрезентацијата и во нивните клубови.Квалификациите за Европското првенство не ги завршивме со пласман до четвртото место, а бидејќи тоа беше еден од условите од мојот договор со ФФМ, нема да ја продолжиме соработката. Како професионалец, за мене резултатот секогаш е мерило за успехот, жал ми е што не остваривме подобри резултати во квалификациите за ЕП 2016. Македонската репрезентација има млади играчи и сигурен сум дека во иднина ќе бидат многу поуспешни. Им се заблагодарувам и на луѓето од стручниот штаб кои го вложија своето знаење и труд за да бидеме успешни. Сигурен сум дека сите на свој начин посакуваа успех и добри резултати. Продолжуваме на различни страни, но и понатаму ќе бидам голем поддржувач на репрезентацијата на Македонија, изјави Љубинко Друловиќ.



   
   
А репрезентација