Објавено на 30 Мај, 2025 во Вести, Вести
Македонскиот фудбалски репрезентативец, Тихомир Костадинов, изјави дека Македонија пред себе има исклучително важни натпревари во мундијалските квалификации и очекува максимален пристап од сите во екипата за пресметките против Белгија (6. јуни, Скопје) и Казахстан (9. јуни, Астана).
„Се фокусираме на максимален пристап против Белгија, ќе бидеме подготвени. Имаме малку повеќе време за подготовка и треба да го искористиме. Сфаќаме дека играме два многу важни меча во квалификациите. Свесни сме дека испуштивме важни два бода на натпреварот со Велс, но продолжуваме и мора да гледаме напред. Мотивирани сме секогаш кога играме за Македонија, без оглед на заморот и повредите.
Селекторот бара да сме максимално ангажирани. Ги анализираме двата противници и знаеме против кого се соочуваме. Многумина мислат дека Белгија сега е послаба селекција, но тие отсекогаш имале фантастични фудбалери и претставуваат сила во светски рамки“.
Натпреварот меѓу Македонија и Белгија ќе се одигра на шести јуни во 20:45 часот. Три дена подоцна гостуваме во Казахстан.