Објавено на 21 Јануари, 2015 во Вести, До 19 год
Раководните структури во Фудбалската федерација на Македонија му дадоа доверба да ја предводи македонска репрезентација до 19 години. Во изминатите неколку години, Станиќ работеше како тренер во младите категории во рамки на Фудбалската асоцијација на Шкотска, ги предводеше кадетите и младинците во шкотскиот клуб Ист Фајв, а последната година носи искуство како тренер на кадетите во тимот Хернан Кортез од шпанскиот регион Арагон. Горан Станиќ ќе ја предводи репрезентацијата на Македонија до 19 години во квалификациите за пласман во елитната рунда на Уефа, а веќе е вклучен и во тренинг активностите со талентираните фудбалери од Академијата на ФФМ.
-Имаме талентирана генерација, нашето знаење и вештини никогаш не биле доведени во прашање, но мораме да работиме и на некои други елементи за да бидеме на високо ниво, првенствено во психолошкиот и тактичкиот дел. Мислам дека ни е потребна поголема тактичка свест за да им се спротивставиме на најдобрите репрезентации. Ги следев натпреварите на македонската репрезентација до 19 години на ланските квалификации со Франција, БиХ и Лихтенштајн, добив потврда дека имаме квалитет, недостасуваат елементи да го потврдиме тоа и преку позитивен резултат, важно е дека можеме да се надигруваме. Генерацијата `97 е можеби нашата најталентирана, тоа беше причина повеќе да се вратам во Македонија и да дадам придонес во развојот на нашиот фудбал. Ќе се обидат стекнатото искуство од работата со младите категории да го пренесам во нашиот младински фудбал, се надевам дека заеднички со останатите селектори и тренери ќе се избориме за подобри резултати бидејќи на крајот тоа ја вреднува нашата работа.
Својата тренерска работа со млади категории, Горан Станиќ ја започна во Фудбалската асоцијација на Шкотска, една година работеше со кадетите и младинците во Ист Фајв, клубот за кој настапуваше во шкотскиот шампионат, а последната година го предводеше кадетскиот тим Хернан Кортез од шпанскиот регион Арагон.
-Во Фудбалската асоцијација на Шкотска бев вклучен во селектирањето на млади фудбалери од аматерските клубови, деца од десет до дванаесет години. Тоа е првиот филтер од проектот на Шкотската асоцијација сличен на нашата фудбалска академија. Селектираните деца добиваа шанса да одработуваат тренинзи под надзор на стручни лица и во зависност од нивниот развој подоцна имаат шанса да се наметнат и во националните тимови. Во Шкотска секој тим има своја академија, младите фудбалери во професиналните екипи не одат во училиште, професорите доаѓаат во клупските академии и на тој начин се стекнуваат со образование, тоа се однесува на средното училиште за играчите кои целосно се посветени на фудбалот. Големо значење за младите играчи во Шкотска е лигата до 20 години, преку тие натпревари добиваат самодоверба и искуство. Последната година како тренер на шпанскиот Хернан Кортез успеавме да влеземе во првата по ранг категорија за кадети на регионот Арагон. Тоа беше добро искуство и за мене, севкупно задоволен сум од почетокот на мојата работа како тренер на млади категории.
Поранешниот фудбалер од шампионскиот тим на Вардар во 1993. година вели дека во Македонија се вратил поради фудбалското дообразување и стекнување на Про лиценца, но по разговор со луѓето од Фудбалската федерација на Македонија сепак ја прифатил понудата за работа во младите национални тимови и фудбалската академија.
-Долго време сум надвор од државата, првично се вратив со цел да се стекнам со тренерска Про лиценца, но среќен сум што добивам шанса да се ставам во функција на македонскиот фудбал на многу поконкретен начин. Имам шанса да работам со квалитетна селекција и мислам дека ќе бидеме сериозен конкурент на квалификацискиот турнир кој го организираме ние, а во нашата група се Англија, Италија и Финска. Противниците се силни, потребно е и малку среќа, но сигурно имаме квалитет да се надигруваме. Ќе мора да работиме на сериозна анализа на сработеното досега и квалитетно да се спротивставиме на противниците. Ќе инсистираме на силни контролни натпревари, а играчите ќе бидат следени на клупските натпревари и на тренинзите. Комуникацијата исто така е многу важна, разговорите со другите тренери е нужна. Единствено на таков начин можеме да направиме квалитени селекции и да оствариме резултат. Во однос на фудбалското образование не заостануваме зад тренерите од европските шампионати, разликата е во инфраструктурата и условите кои ги имаат младите играчи во нивните клубови.Радува тоа што и во нашата земја сега се посветува големо внимание на подобрување на тие услови како основа за постигнување на добри резултати.