Објавено на 11 Јуни, 2014 во Футсал
Селекторот на нашата најдобра футсал репрезентација, Васко Скендеровски прати повик до 15 играчи за настап против селекцијата на Бугарија. Стручниот тим на нашата А репрезентација е засилен со Иван Божовиќ, долгогодишниот тренер на Економац од Србија, од оваа сезона тренер на македонскиот шампион Железарец. На списокот на селекторот Скендеровски се следните фудбалери:
ГОЛМАНИ: Мирослав Тодоровски (КМФ Железарец), Илчо Удовалиев (КМФ Железарец)
ОДБРАНА: Зоран Левески (КМФ Железарец), Александар Глигоров (КМФ Железарец), Ферид Агуши (КМФ Железарец), Драган Петровиќ (КМФ Скопје 2011), Иван Крстевски (КМФ Железарец), Кристијан Златковски (КМФ Биџо), Таулант Исмаили (КМФ Железарец)
НАПАД: Оливер Јовановски (КМФ Железарец), Мартин Тодоровски (КМФ Железарец), Адријан Мицевски (Square – CRO), Игор Леовски (КМФ Железарец), Исмет Цека (КМФ Сее Универзитет), Дарко Ранготов (Square – CRO).
-Можеби некои од нас сеуште е под импресии од победата против Хрватска, но веќе не очекува нов предизвик, двомеч со Бугарија. Мал хендикеп е тоа што нашето првенство е завршено, играчите не се во натпреварувачка форма, но продолжуваме со зацртаната цел, а тоа е во континуитет да имаме пријателски натпревари и да имаме противник во сите термини на УЕФА. Сето ова е во рамки на подготовките, најпрвин за силниот турнир кои во октомври ќе го организираме во Скопје, а потоа и за квалификациите за ЕП 2016 година кои ги започнуваме во март идната година.
Против Бугарија сакаме да го продолжиме резултатскиот успех, не бегаме од фактот дека во последниот период во натпреварите влегуваме како фаворити. Бугарија е одлична селекција, резултатите во последниот период тоа го потврдуваат, ја победија Романија со 6:4, имаат искусни играчи, долго време се заедно и сметам дека натпреварите ќе бидат вистински предизвик. Што се однесува до нашата селекција, продолжуваме со трендот во екипата да вклучиме повеќе млади играчи за да добијат искуство. Се надевам на добра игра и позитивни резултати кои ќе ни ја подигнат самодовербата пред квалификацискиот циклус, изјави селекторот на репрезентацијата, Васко Скендеровски.