ФФМ домаќин на регионален семинар за развој на улогата на DISABILITY OFFICER

Објавено на 30 Мај, 2019 во Вести, Еднаквост


Фудбалската федерација на Македонија беше домаќин на регионален семинар на кои учестуваа претставници од четири фудбалски асоцијации (Германија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Косово), претставници на клубовите од Прва МФЛ и НВО „Мобилност“ и Националната спортска асоцијација за глуви.  На семинарот за развој на улогата на DAO (Лице од клуб одговорно за обезбедување пристап на лицата со инвалидност) учесниците работеа на развој на поинклузивни услови и услуги за лицата со инвалидитет во сферата на фудбалот.

Воведно обраќање пред присутните имаше генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски истакнувајќи дека даваме полна поддршка и правиме напори да се овозможат сите услови за вклучување на лицата со инвалидност во фудбалската игра.

На работниот дел од семинарот федерациите ги разменија своите искуства во областа, а клубовите дискутираа за своите идеи за понатамошен развој.

Свое предавање за проектите на ФФМ во поглед на инклузивноста имаше Ирена Бакревска Милошевска, национален координатор за DISABILITY OFFICER (лице од клубот кое ќе им овозможи пристап на стадионите на лицата со инвалидитет).

-За нас е важно да напоменеме дека како федрација од 2015. година континуирано работиме на проекти од областа на социјална одговорност, посебно оние кои се однесуваат на создавање услови за вклучување на лицата со инвалидитет. Во таа насока беа презентирани подобрувањата на условите на стадионите „Тодор Проески“ и „Младост“ направени 2017. година. Веќе втора сезона дел од натпреварите од МФЛ кои се пренесуваат низ директен пренос на ТВ платформата на ФФМ се коментираат на знаковен јазик,  а исклучително инспиративната приказна на амбасадорот на Equal game, Јане Велковски придонесе да се покаже како фудбалот го обогатува животот на секој човек, изјави Ирена Бакревска Милошевска.

За важноста на пристапноста на стадионите, улогата на националните федерации и на лицата од клубовите зборуваше Јохан Кемер, од организацијата CAFÉ (партнер на УЕФА за социјална одговорност).

-Ние како организација партнер на УЕФА, а со тоа и на националните федерации даваме целосна поддршка за имплементирање на неопходните критериуми за инфраструктурна пристапност на стадионите. Исто така, го поддржуваме развојот на инклузивни услуги на стадионите како што е аудио дескриптивното коментирање наменето за слепи лица. Даваме поддршка и во формирање на навивачки здруженија на лица со инвалидитет. Среќни сме што вие како федерација целосно сте вклучени во овие проекти и праќате силна порака и давате можност лицата со инвалидитет достоинствено да се вклучат во фудбалските активности во вашата држава, изјави претставникот на CAFÉ, Јохан Кемер.

Голема благодарност до Националниот сојуз „Мобилност“, Националната спортска асоцијација за глуви и секако, нашите клубови затоа што заеднички пративме порака дека е важен пристапот и вклученоста на лицата со инвалидитет и затоа што сите заеднички полесно ќе ја промовираме потребата од промена и ќе работиме на таа промена. 





   
   
А репрезентација