Објавено на 29 Октомври, 2024 во Вести, Семинари
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) беше домаќин и организатор на првиот регионален семинар за фудбалска медиција „Нови трендови на спортски повреди и превенција“ одржан во Скопје во периодот од 25 до 27 октомври.
Тридневниот семинар понуди единствена можност, медицинскиот персонал на националните фудбалски асоцијации од регионот (Македонија, Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Косово, Турција) и клупските доктори и физиотерапевти кои работат во македонските клубови да споделат искуства, најдобри практики и предизвици поврзани со најчестите медицински повреди во фудбалот и современите методи за нивна превенција и третман.
Семинарот поддржан од УЕФА преку претставниците од Комисијата за медицина Лука Алексиќ и Др. Томислав Влаховиќ понуди платформа за размена на знаења, иновативни истражувања и практични вештини, клучни за унапредување на спортската медицина и подобрување на атлетските перформанси и здравјето на фудбалерите.
Претседавачот на Комисијата за медицина во Фудбалската федерација на Македонија, Др. Невзат Јонузи во своето воведно обраќање ја нагласи важноста на собирот, обезбедување медицински услуги на високо ниво како врвен приоритет потенцирајќи ги клучните аспекти од собирот:
„Семинарот ќе ја постигне целта доколку обезбеди ефективен форум за сите вас за унапредување на знаењето, истражувањето и технологијата во третманот на спортски повреди. Заедно, мораме да учиме од грешките од минатото, да ги прифатиме можностите на сегашноста и да ја обликуваме иднината што сите ја сакаме“.
„Фудбалот сега е повеќе од игра. Обезбедувањето медицински услуги на високо ниво е врвен приоритет, а перформансите и закрепнувањето на играчите зависат од високото научно ниво на поддршка што ја даваат искусни професионалци. Медицинската грижа стана толку сложена што едно лице не може да игра сам. Медицината стана тимска работа“.
„Ако не постигнувате голови, анализирате зошто и размислувате што треба да правите на тренинзите. Исто е и со повредите. Ако имате многу повреди, треба да погледнете зошто се случува тоа. Мора да ги слушаме гласовите на здравствените работници и лекарите“.
„Од мое и од име на Фудбалската федерација на Македонија упатувам благодарност за вашето присуство во Скопје и пораките кои ги упативте и за тоа што го споедливте Вашето ценето знаење во врска со најдобрите практики за дијагностицирање и справување со мускулно-скелетните повреди, кои се често застапени во фудбалот“.
Др. Небојша Настов, главен доктор на македонската А репрезентација и неговиот колега од нашата селекција до 21 година, Др. Михајло Иваноски имаа свои предавања и учествуваа во панел дискусиите на семинарот заедно со останатите лекари, специјалисти по спортска медицина и медицински професионалци посветени на унапредување на здравствената заштита во фудбалот.
Сесиите ги водеа едни од најреномираните експерти во областа, Др. Матијаж Вогрин,специјалист по ортопедска хирургија од Словенија, Др. Бисер Бочев, специјалист ортопед и трауматолог од Бугарија, Др. Токер Беркин специјалист ортопед и трауматолог од Турција покривајќи теми како што се управување на критичните аспекти на здравјето на играчите, мускулните повреди, кардиоваскуларно здравје, рехабилитација на повреди и најнови иновации во технологијата за спортска медицина. Една од сесиите беше посветена на менталното здравје, а свое предавање имаше доктор Ѓеорге Калпак. Почитувани гости на семинарот беа и Др. Резард Халили од Косово и Др. Илви Беголи од Албанија.
Од особено значење беа практичните демонстрации и вежби за дијагностицирање и превенција од повреди при што учесниците можеа активно да се вклучат и да разменат искуства со колегите од регионот. Стекнатото знаење можеше да се провери низ работа во групи на четири одбрани случаи во кои дијагнозата и третманот ги даваа учесниците, а супервизори беа предавачите на семинарот.
Сите учесници добија сертификати за учество на семинарот, а посебни благодарниици беа доделени и на сите кои несебично се вклучија и го помогнаа неговото одржување кое е од огромно значење и по сугестија како на домашните, така и на гостите од странство се очекува да бидее на редовниот годишен распоред за медицински едукации на ФФМ.