Објавено на 20 Април, 2022 во Вести, Еднаквост
Фудбалската Федерација на Македонија е партнер во PROGRES (“Promoting Gender Equality in Sports - PROGRES”) проектот којшто е финансиран од ЕРАЗМУС+ Програмата на Европската Унија. Проектот започна на почетокот на 2021 година.
Целта е да ја промовира родовата еднаквост во спортот, да ги зајакне капацитетите на спортските организации, да ја поддржи социјалната инклузија и еднаквите можности во спортот со вклучување на родовите аспекти во главните документи и одлуки на федерациите.
Проектот и неговото делување содржи четири полиња кои се однесуваат на следното:
Утврдување каде сме како спортска организација сега, градење на организациски капацитети, обезбедување на методологии и алатки кои може да се користат од страна на спортските организации и промовирање на еднакви родови можности и социјална инклузија во спортот.
ПРОГРЕС Проектот е плодна соработка помеѓу следните партнери:
- Фудбалска Федрација на Малта,
- Фудбалска Федрација на Норвешка,
- Фудбалска Федерација на Македонија,
- TREK Development-Грција, European University Sports Association (EUSA)-Словенија ,
- University of Modena and Reggio Emilia-Италија и
- FILIA Center - Романија.
Проектот започна со истражување спроведено од норвешки истражувачки тим ангажиран од страна на Норвешката фудбалска Федерација.
Од Македонија во истражувањето освен Фудбалската федерација на Македонија, учествуваа и Кошаркарската федерација на Македонија и Атлетската федерација на Македонија.
Од останатите партнерски земји во проектот учествуваа уште 22 спортски федерации.
Збирните резултати од ова истражување ги објаснуваат родовите нееднаквости во спортот. Резултатите ги истакнуваат значајните родови разлики и потенцираат дека спортот, посебно фудбалот е поле во коешто доминираат мажите.
Во Норвешката фудбалска Федерација можеме да зборуваме за родова еднаквост во поглед на партиципација и администрација, додека на спротивната страна се наоѓа Грчката фудбалска федрација во којашто 97% од вработените се мажи.
Генерално, мажите кои работат во федерациите и кои се на раководни позиции имаат повисоки просечни примања од жените.
Од 25 спортски федерации кои учествуваа во истражувањето, само шест федерации имаат правилници и стратешки планови коишто ја промовираат родовата еднаквост.
Целосниот извештај може да го погледнете на следниот линк:
https://progresproject.eu/intellectual-outputs/
Веб страната на проектот каде што може да го следите Прогрес проектот е следна:
https://progresproject.eu/about/
Следните фази на проектот се утврдување на потребите на вработените во спортските федерации каков тип на обука им е потребен во поглед на родова еднаквост и спроведување на обука на утврдените теми. Овој дел од проектот ќе биде воден од Универзитетот во Италија, којшто е партнер во проектот - University of Modena and Reggio Emilia Italy.
Разновидноста раѓа квалитет!
Организациите со висока застапеност на жени на раководни позиции имаат подобри перформанси од тие коишто немаат женски претставници.
Родовата еднаквост е добра за спортските федерации, а исто така е добра и за мажите кои работат во истите!