Бесир Демири: Репрезентацијата до 21. година има потенцијал за големи резултати

Објавено на 11 Декември, 2014 во Вести, До 21 год

Бесир Демири, талентираниот фудбалер на Шкупи е дел од селективниот тренинг камп на македонската репрезентација до 21. година која денеска го игра вториот контролен натпревар против битолски Пелистер.

Демири доби шанса од селекторот Благоја Милевски и на првиот натпревар на репрезентацијата против Турново, пресметка која младата репрезентација ја доби со 2:0. Дефанзивецот одигра одлично и на последните два пријателски натпревари на Македонија против Романија и Црна Гора. Младиот фудбалер на Шкупи вели дека е одлично чувството да се биде дел од националниот тим.

-Чувството да се биде дел од репрезентацијата е посебно. Во тимот има позитивна атмосфера, одлична конкуренција која е поттик секој играч да дава максимум и мислам дека тоа е насоката во која треба да се движиме. Ја сфаќаме потребата дека треба да работиме напорно, да ги извршуваме задачите зададени од селекторот и да се докажуваме на секој натпревар. Последните резултати и победите го потврдуваат тоа, се е полесно кога резултатите се добри, нашата самодоверба расте и верувам дека тоа ќе не води кон позитивни работи во следните предизвици.

Бесир Демири ја започна својата фудбалска кариера во школата Бешикташ во скопската населба Чаир, вели дека Пандев и Ибраими се фудбалерите кои имаат неверојатен фудбалски пат и посакува да го следи нивниот правец.

-Мојата цел е да играм на високо ниво, доколку немаме високи цели, веројатно нема да можеме ниту да ги оствариме. Многу од нашите репрезентативци во А селекцијата играат на високо ниво на клупски план, но ќе ги издвојам Пандев и Ибраими како фудбалери кои треба да ни бидат пример. Тие со многу работа и труд се изборија за место меѓу најдобрите во своите клубови, играат на високо ниво и од нив може да се научи многу.

Дефанзивецот во составот на репрезентацијата до 21. година вели дека оваа генерација млади фудбалери има потенцијал да направи голем резултат во квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство.

-Очекувањата на фудбалската јавност секогаш се големи, но ние веруваме дека можеме да постигнеме добар резултат во следниот квалификациски циклус. Треба само да веруваме во себе, да го следиме пристапот кој го наметнува селекторот и стручниот штаб и да се обидеме да се надигруваме со секоја репрезентација. Се надеваме и на добра ждрепка, но најважни сме ние и нашиот пристап. Почетокот со новиот селектор е одличен, се надеваме дека ќе продолжиме во таа насока.



   
   
А репрезентација