Објавено на 02 Декември, 2014 во Вести, Футсал
Натпреварите за нашата репрезентација се дел од подготовките за мартовските квалификации за пласман на Европското првенство. Еден од нашите влијателни играчи, Дарко Ранготов вели дека контролните натпревари се важни за селекцијата, посебно добрите резултати кои ја зголемуваат самодовербата и даваат јасна слика за потенцијалот на македонскиот состав.
-Нашата цел на двата натпревари против Црна Гора е победа. Максимално сериозно го сфаќаме секој повик во репрезентацијата, на тој начин се однесуваме на подготовките и на натпреварите. Позитивните резултати на претходните неколку натпревари ја потврдуваат добрата работа во футсал тимот. Црна Гора е цврста репрезентација, со неколкумина од црногорските играчи се познаваме од настапите во Лигата на шампионите, иако ние влегуваме како фаворити, нема да се предадат лесно. За нас ова е уште една прилика да се воиграме пред многу важните квалификациски натпревари во март кога ќе бараме место во баражот за Европското првенство. На почетокот на следната година ќе одиграме нови два контролни натпревари и ќе добиеме појасна слика за нашите можности, целите веќе се високо поставени, изјави Дарко Ранготов.
Селекторот на македонската А репрезентација, Васко Скендеровски претходно напомена дека шанса на двата натпревари против Црна Гора ќе добијат сите повикани играчи.
-Очекувам да продолжиме со трендот на позитивни резултати, шанса ќе добијат сите повикани 14 играчи, посебно помладите кои во целост ја оправдаа довербата на претходните натпревари. Реално, очекувам две победи, иако Црна Гора е солидна репрезентација со силни амбиции пред квалификациите за Европското првенство. За нас е важно со победа да ја зголемиме самодовербата и пред турнирот во Полска каде во периодот од 3. до 8. јануари ќе играме против домашната репрезентација, Естонија и Грција. Се надевам дека ќе прикажеме добра игра и ќе добиеме поддршка од навивачите, изјави Скендеровски.
Првиот натпревар против Црна Гора се игра денеска од 18.00 часот, следниот ден пресметката е од затворен тип. Влезот за првиот натпревар е бесплатен.