90 години ФК „Осогово“ со хуманитарен карактер

Објавено на 17 Јули, 2014 во Вести

Фудбалската федерација на Македонија на 27. јули ќе биде дел од одбележувањето на големиот јубилеј - 90. години од формирањето на ФК „Осогово“ од Кочани.

Во рамки на одбележувањето на јубилејот ќе се одигра ревијален натпревар меѓу поранешните великани на ФК „Осогово“ и поранешни македонски репрезентативци меѓу кои Тони Мицевски, Саша Ќириќ, Ѓорѓи Христов, Горан Ставрески, Џипунов, Станојковиќ, Савов, Јовановски и други. Натпреварот и присуството на нашите фудбалски великани ќе има хуманитарен карактер. Целта на ФФМ е заеднички со градот Кочани и поранешните репрезентативци да се соберат дел од потребните средства за операција на Даниел Митков, поранешен фудбалер на ФК Осогово кој има тешки последици од сообраќајна незгода и мора итно да замине на операција во Кина. Даниел Митков е роден на 15. октомври1985. година во Кочани. Даниел е голем вљубеник во фудбалот и страствен навивач на Осогово. Беше дел од сите младински категории на фудбалскиот клуб Осогово, а потоа член и на првиот тим на Осогово. Даниел настрада во сообраќајна несреќа во која се здоби со тешки повреди на р’бетниот столб и остана парализиран во долниот дел од телото. По неопходниот медицински третман во Македонија е потребен третман со матични клетки и рехабилитација за подобрување на неговата состојба во Република Кина. Хируршкиот зафат и рехабилитацијата се закажани во WU Medical Centar во Пекинг за кои се неопходни средства во висина од 25.000 евра.
Бидете хумани!!! Подадете рака и донирајте за Даниел Митков повторно да ја почуствува радоста на животот. Ви благодариме.

Телефонски броеви за донации:

ВИП Оператор: 077 143 110
ОNE Оператор: 075 143 850
T-Mobile oператор: 070143112

Сметки за донација:

NLB ТутунскаБанка
210 7000006159 89

Девизна сметка:

IBAN Code
MK0 7210501648454230
SWIFT TUTNMK22

90. ГОДИНИ ФК „ОСОГОВО“

Фудбалскиот клуб Осогово е формиран во далечната 1924. година и претставува од најстарите фудбалски клубови во нашата земја. Пред девет децении во Кочани е донесена првата фудбалска топка. Според пишувањата и сведоштвата на вљубениците на фудбалот, првата фудбалска топка во Кочани ја донел Томе Вангелов во далечната 1924. година, тогашен претседател на општина Кочани и веднаш потоа бил формиран првиот фудбалски клуб под името ,,Султан Тепе“. По неколку години српските власти наредиле да се смени името и клубот го преименувале во ФК „Витез“. Со текот на годините името на клубот постојано било менувано. Според некои сознанија во месноста Слатина во 1929. година е направено првото тревно фудбалско игралиште, па од тој период и фудбалот во Кочани почнал да се игра многу поорганизирано. За раниот развој на фудбалот во Кочани многу значајна е изградбата на железничката пруга во 1926. година. Тогаш најчесто се играле натпревари против екипи од Штип, Велес, Неготино, Скопје, Свети Николе, односно таму каде што имало железничка пруга. Помеѓу двете светски војни најпопуларен спорт во Кочани бил фудбалот со неговите неколку фудбалски екипи (Витез, Хајдук, Југ, Младина). Фудбалскиот клуб Осогово во текот на своето постоење има одиграно многу натпревари и со многу познати екипи како што се Динамо Загреб, Партизан Белград, Будуќност Подорица, Малунг од Шведска и други познати балкански екипи. Во далечната 1961 година тема на разговор насекаде во Кочани било влегувањето на Осогово во Македонската фудбалска лига. 

Осогово од времето било расадник на млади таленти. Можеби ќе заборавиме некои од нив, но да забележиме од самиот почеток, па до сега кои се фудбалери биле дел од Осогово. Владо Чадиковски, целиот свој живот го минал во Осогово (долгодишен секретар на клубот), потоа имињата на Благој Горгиев (Шич), Тодор Кузманов (Чибук), Ангел Крушаров, Тодор Јорданов, Петар Петров, Никола Марков, Виктор Чакров, Петар Стојков, Љупчо Алексиев, Славе Симеонов...фудбалери од постарата генерација, па се до Никола Мантов, играч кој со неполни 18 години заигра за првиот тим на Осогово, но по неговата прерана смрт за време на фудбалски натпревар, неговото име сега го носи Градскиот стадион во Кочани. Потоа ги споменуваме и Војо Петров, Стојан Димов, Драги Михаилов, Тодор Донев, Јордан Минов, Лазар Балтазаров, Митко Атанасов и Стевчо Ангелов, Славчо Абазов, Зоран Теодосиев, Лазар Костадинов, Тоде Митев, Благој Димитров, Иван Диневски и многу други кои во текот на историјата го носеа дресот на Осогово. Младинската екипа на Осогово во 1996 година е освојувач на Купот на Македонија,во финалето беа подобри од екипата на Саса со резултат 2-0 со двата гола на Шуманов. Капитенот на тогашната екипа на Осогово, Крсте Крстев пехарот го прими од првиот Претседател на ФСМ, Љубислав Иванов.





   
   
А репрезентација