ВРЕМЕПЛОВ: 16 ЈУНИ 1994 година - 49-ти КОНГРЕС НА ФИФА

Објавено на 29 Јуни, 2017 во Фудбалски Асови, Вести

ФУДБАЛСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА СТАНУВА 186-та ПОЛНОПРАВНА ЧЛЕНКА НА ФИФА

На 8. април 1994 година Македонија беше примена во Обединетите Нации. Приемот на Македонија во Обединетите Нации е важен чин, бидејки еден од главните услови за прием во ФИФА и УЕФА беше нашата држава да биде членка на Обединетите Нации.

Откако не настапуваме во југословенската лига моравме во интерес на фудбалот да се бориме за побрз прием во ФИФА и УЕФА. Затоа денот на приемот е голем ден од поновата историја на македонскиот фудбал. Затоа СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН, а за сите кои минавме тежок пат до тој ден дозволете да викнеме дојде, дојде,дојде, дооооооооооооојјјјјјјддеее...

16. јуни 1994 година - ЧИКАГО

ФИФА не прими во „семејството“.  Фудбалскииот Сојуз на Македонија стана 186-та членка на ФИФА. Во моментот на приемот на нашиот фудбалски сојуз, претседател на ФИФА беше Жоао Аваланж (1974-1998), а генерален секретар Јозеф Сеп Блатер.

Извршниот комитен на ФИФА беше во состав: Жоао Авелалнж - преседател (Бразил), Јозеф Сеп Блатер -генерален секратар; Потпретседатели: Ленард  Јохансон (Шведска), Гуљермо Канедо (Мексико), Војчеслав Колосков (Русија), Џулио Горондона (Аргентина), Дејвид Вил (Шкотска), Иса Хајатоу (Камерун), Жак Жорж (Франција); Членови: Абидалио Далмеида (Бразил), Ѓерѓ Сепаши (Унгарија), Џек Варнер (Тринидат и Тобаго), Пол Хајдерград (Данска), Леон Лондоно (Колумбија), Абдулах Ал-Дабал (Саудиска Арабија), Мајк Доџ (Белгија), Исак Сасо-Сасо (Коста Рика), Рем Руе (Маурициус), Герхард Маер- Верфелдер (Германија), Сер Артур Џорџ (Австралија), Алулу Слим (Тунис);

ФИФА не прими под нашето регистрирано име во Обединетие Нации (ПЈРМ) - МАКЕДОНИЈА (ФИРОМ), а под знамето на ФИФА. Приемот во ФИФА е голем настан за една држава, по значењето доаѓа веднаш за прием во Обединетите Нации. ФИФА во 2014 г. броеше 201 членка и тоа е најхомогената и најмасовна институција на земјината топка. Но, до 49-от Конгрес на ФИФА стигнавме преку безброј фудбалски луѓе и институции - во Цирих, Москва, Софија, Истанбул, Женева, Берн, Стокхолм, Лас Вегас, Белград, Загреб, Љубљана, Тирана, Виена. Фудбалската делегација на Македонија што требаше да присуствува на чинот на приемот беше во состав: Љубислав Иванов – Ѕинго - претседател, Андон Дончевски - селектор на „А“ репрезентацијата на Македонија и Илија Атанасовски - генрален секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија. Како што е обичај, подготвивме и дрес со нашиот државен грб, гаќички и знаме, она спорното со сонцето на Вергина.

Од новинарите беше пријавен само Зоран Јордановски од МТВ. Другите новинари не испратија со зборовите „Ве молиме веднаш да јавите“. Стојан Тренчевски не испрати на аеродром со зборовите: „Не заборвај мене прв да ми јавиш, одиш дирекно во етер на Македонското радио“.

Чикаго - град на Ал Капоне (до нашето доаѓање). Во Чикаго бевме сместени во хотелот „Шеретон“ во центарот на градот, спроти централната висока зграда на Ен-Би-Си. Во истиот хотел беше „офисот„ на ФИФА. Во хотелот беа сместени и делегаците на Хрватска, Југославија, Словенија, Русија, Германија, Бразил. Јас, уште веднаш право во канцеларијата. Таму ме пречека една убава девојка, која се престави како овластен службеник од генералниот секретар, Сеп Блатер и од Гален, шефот на канцеларијата. Го предадов знамето и комплетот - дресот со ѓакиќки, убаво спакуван во целофан -„свадбарски“. Галан ги стави веднаш зад него на полица. До Конгресот имаше три дена. Хотелот вриеше од  фудбалски величини: Пеле, Ди Стефано, Андраде, Кројф, Еузебио, Платини, Боби Чарлтон, Бекенбауер, нашиот Благоја Видиниќ, Томислав Ивиќ - фудбалски величини, седат „карши“ нас, некој до нас, на појадок, ручек, вечера.

Домаќин за време на престојот ни беше Борис Ничов, Македонец од Ресен. „Комита“ за Македонија ќе загине. Тој ни помогна многу во Чикаго. Но ,не го сакаше попот на македонската црква „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго. Борис зборуваше дека попот не работи ништо, само чувал кокошки. Јас дискретно му реков дека Ѕинго е првиот „кадровник“ во Македонија, што не беше далеку од вистината. Од тој момент неговите истомисленици  постојано го притискаа Ѕинго да го смени попот и Македонската црква да испрати друг поп во Чикаго. Ѕинго вечерта во хотелот вели „Абе Илија, овие запнале да им го сменам попот“. „Па смени им го одговорам јас“.

На 16 јуни се одржа 49-от Конгрес на ФИФА. Почеток на новата ера на фудбалот во Македонија. По приемот во ФИФА нашата земја ќе настапува во европските и светските натреварувања организрани од ФИФА и УЕФА. Ние дотерани, одиме полека, нога пред нога, свечена атмосфера. Дончо растреперен, да е на терен нема гајле, но сега го чувствува моментот, рацете и срцето му треперат. Седнавме во преголемата и преубава конгресна сала. Зоран Јордановски беше на крајот од салата каде имаше специјален простор за новинарите. Дојде на ред точката 10 од дневниот ред: „Свечена церемонија за прием на нови членки во ФИФА“.  Требаше да бидат промовирани 10 нови членки. Кога почна церемонијата се изгаснаа светлата, во моментот кога се огласија фанфарите, ми пријде Мишел Зен -Руфиен и на француски ми кажа дека ќе го примиме знамето на ФИФА. Јас возбуден, децата со знамињата веќе излегуваа, па не обрнав внимание на тоа. Добро е, еве го и нашето знаме, црвено со сонцето, ама малку „јанѕа ме јаде“. Децата со звукот на фанфарите по средината на патеката одеа кон централната бина каде беа членовите на Извршниот комитет и претседателот на ФИФА, Жоао Авеланж. Децата се наредија на бината. Таму дојдоа и претседателите на фудбалските сојузи што требаше да се промовираат . Меѓу нив и нашиот. Авеланж симболично им ги предаваше знамињата на нивните земји. Ние со Донац и Зоран Јордановски, позади во новинарската ложа, чекавме преседателот Ѕинго да го прими нашето знаме. Во еден момент Авеланж го зеде „нашето знаме“ и им го врачи на ФС Грузија. Тоа беше слично на нашето ( во таа полутемница слично изгледаше), но имаше жолта молња која го параше сонцето. Тогаш во истиот момент сфатив што ми рекол Мишел. Катастрофа!. Не смеевме да се вратиме во Македонија, таму до последниот граѓанин се бори за ИМЕТО И ЗНАМЕТО СО СОНЦЕ. Нема време за никави интервенции, не случајно Мишел ми кажа во последен момент. Се испланирале да нема време за никакви реакции. Ѕинго немаше поим што се случува. Тој го чекаше нашето знаме.

Ја повикуват Македонија! Ѕинго и Авеланж „лице во лице“ (стана карпа) Аваланж го зема знамето на ФИФА и му приоѓа на Ѕинго да му го предаде! Авеланж се обидува да му го предаде знамето, а Ѕинго го отргнува. „Леле мајко овој нашиов не сака да го прими знамето на ФИФА“ Позади е Зоран Јордановски, како ќе го скрие скандалот. Втор обид на Аваланж, Ѕинго пак го отргнува знамето на ФИФА. Станува сериозно, да не се прими знамето на ФИФА тоа може да поприми други димензии и текови. Во право бевме кога велевме „чекајте прво да заврши се, па ќе се радуваме“. Последицитеможеа дабидат огромни“. Одиме по жица. Не попусто рекле „КРАЈОТ ДЕЛОТО ГО КРАСИ“ или „КОЈ ПОСЛЕДЕН СЕ СМЕЕ НАЈСЛАТКО СЕ СМЕЕ“ Излегувам по патеката и извикувам „ЗЕМИ ГО, ЗЕМИ ГОООООООО“. Конечно во третот обид  го зема знамето на ФИФА и го држи „како преку тасета“. Јас го сликам оддалеку. Конечно било како имавме „сертификат станавме 186 членка на ФИФА.

Илија Атанасовски

„Ние сме големо семејство на фудбалот“





   
   
Актуелности
Календар

02 Сеп

20:45 Израел - Македонија
    А репрезентација квалификации за Светско

05 Сеп

20:45 Македонија - Албанија
    А репрезентација квалификации за Светско
А репрезентација