Пораз на дебито на Друловиќ

Објавено на 14 Јуни, 2015 во Квалификации ЕУРО 2016, Вести

Лубинко Друловиќ со пораз дебитираше на клупата на нашиот најдобар национален тим, откако вечерва претрпевме пораз од 2-1 од Словачка во натпревар од квалификациите за Европското Првенство кое во 2016 година ќе се одржи во Франција.
Словачка уште на почетокот наметна силно темпо со голем притисок кон нашиот гол, а таквата игра донесе рано водство уште од првата посериозна шанса. Се играше 8-та минута кога една безопасна топка во нашата зона не беше исчистена навреме од Мојсов, а Салата со лоб удар го изненади Пачовски. Словаците си го обезбедија рано посакуваното водство, и во продолжение иако доминираа не создадоа некоја посериозна шанса за гол. Така се играше до 35-тата минута кога домашните ‘дадоа гас’. Прво Хамшик биеше од свртување над голот, најавувајќи го вториот гол. Тоа се случи во 39-тата минута кога Хамшик во налет го помина Мојсов и голманот Пачовски, пласирајќи ја топката во празниот гол за водство од 2-0. Македонија првиот удар кон противничкиот гол го имаше во 42-та минута кога се обиде Адеми, но лесно одбрани Козачик. Почетокот на вториот дел донесе нов налет на Словачка а само добрите одбрани на Пачовски не оставија во игра за да се надеваме на подобар резултат, кога ги скроти ударите на Хамшик, два пати Куцка и на Мак. Тука Македонија почна да игра и да создава шанси. Прво нововлезениот Ивановски биеше силно, но Козачик одбрани, потоа Хасани шутираше над голот од слободен удар, а во 69-тата минута дојде голот. Ибраими центрираше од корнер, Муарем со глава ја префрли топката до Адеми, кој од близина погоди за 2-1. Се обидевме во продолжение да избегнеме пораз, но во 84-тата минута останевме со играч помалку после вториот жолт картон на Хасани. До крајот немаше промена, така да последниот свиреж на судијата Кехлет од Данска донесе огромна радост на домашните. Македонија останува на 5-тото место со само 3 освоени бода во овие квалификации.

СЛОВАЧКА-МАКЕДОНИЈА 2-1 (2-0)

Стадион: МСК Жилина

Гледачи: 10 675

Голови: Салата 8’, Хамшик 39’ (Словачка), Адеми 69’ (Македонија)

Жолти картони: Кучка, Шкртел, Веис (Словачка), Хасани 2 (Македонија)

Црвен картон: Хасани (Македонија)

СЛОВАЧКА: Козачик, Пекарик, Шкртел, Веис, Немец (Холошко 84’), Хубочан, Салата, Хамшик (Дуда 80’), Куцка (Хрошовски 73’), Мак, Печовски.

Тренер: Јан Козак

МАКЕДОНИЈА: Пачовски, Тодоровски, Димитровски, Мојсов, Трајковски (Ивановски 56’), Муарем (Велковски 82’), Ибраими (Абдурахими 89’), Хасани, Трајчевски, Адеми, Жута.

Тренер: Лјубинко Друловиќ




   
   
Актуелности

16.04.2024    Вести

ФФМ и федерациите од регионот со безусловна поддршка за Александар Чеферин

На регионален состанок во Тирана, асоцијациите од Југоисточна Европа дискутираа за различни прашања и предизвици. Безусл...

Календар
А репрезентација