Оливие Доља – Менаџер за развој на УЕФА: Фудбалската академија е предуслов за силни национални тимови

Објавено на 09 Февруари, 2016 во Вести, Фудбалска академија


Оливие Доља е Менаџер за развој на фудбалот во рамки на УЕФА. Неговата работна посета на Фудбалската федерација на Македонија и Фудбалската Академија која функционира во рамките на ФФМ ја искористивме да поразговараме за состојбите, идните планови и проекти кои треба да се реализираат, како и за општи состојби, значењето што младинскиот фудбал го има за генерирање на квалитетни играчи и силен национален состав како крајна цел.

Оливие, што значи да се биде менаџер за развој на фудбал, што претставува оваа улога?

-Пред се сакам да истакнам дека во рамките на секоја национална асосцијација постои оддел за развој на фудбалот. Нашата улога се дефинира низ поддршката која им ја нудиме и соработката која ја воспоставуваме со секоја од 54-те национални асоцијации, членки на УЕФА. Задолжени сме за работата на неколку различни сегменти како развој на фудбалот, активности за фудбалски обуки и образование, кои се наменети пред се за тренери и фудбалски работници, потоа програмата „Хет Трик“ и слични активности. Конкретно, програмата за развој на фудбалот е посветена на работата со елитни младински фудбалери. Целта на нашата програма и соработка со федерацијата и она што се стремиме да го постигнеме е да се овозможи континуиран развој на младите фудбалери во периодот помеѓу Грасрут програмата (до 13 год.) до периодот кога фудбалерите се подготвени да започнат со професионална кариера (над 16 год.). Забележавме дека на оваа возраст 14-15 год. која е круцијална за развојот на кариерата на секој млад играч, доаѓа до застој на активностите и намалување на работата, што понатаму негативно се одразува во целокупната изведба на играчите. Ова е една од главните причини поради која ние ја охрабруваме и соработуваме со Фудбалската федерација на Македонија при основањето и воспоставувањето на Фудбалската академија за млади играчи (моментално се ангажирани играчи од генерациите 2001; 2002) која функционира во рамки на федерацијата.

Паралелно со академиите, посветени сме и на организација на турнири за развој, кои не се официјални натпреварувања. Целта на турнирите не е конкурентскиот предизвик или крајното достигнување, туку повеќе развојниот елемент кој им дава можност на националните асоцијации на одреден начин да ги тестираат своите потенцијали и да ги подготват за понатамошните професионални предизвици како настап на официјални настапи за националните репрезентации до 17, до 21 година, итн..

Академиите се од голем бенефит за фудбалот во секоја земја генерално, било да се организирани на клупско ниво или во рамките на федерациите, бидејќи нудат можност за концентрација на талентот на едно место и целно фокусирање на активностите. Кога играчите од различни клубови имаат можност од рана возраст заедно да тренираат, да ги запознаваат своите недостатоци и силни страни, да се развиваат, тоа е предуслов за понатамошно унифицирање и  креирање на силен А репрезентативен состав .

Како ја оценувате вашата соработка со Фудбалската федерација на Македонија?

- Можам да кажам дека соработката е исклучително позитивна, а посебно би сакал да нагласам дека сум задоволен од тоа како функционира интерната комуникација на релација технички персонал – раководство при спроведување на зацртаните задачи и планови, што е од огромно значење за имплементирање и реализирање на целиот проект.


Дали забележувате некакви недостатоци или предизвици со кои се соочува Федерацијата на кои треба да се посвети посебно внимание?

- Главниот предизвик на Федерацијата е во целост да се рализира концептот за воспоставување на Академијата, кој во моментов не е комплетно постигнат, но секако посветено се работи кон целосна реализација на проектот. Бидејќи целта на академијата е да се изработи развоен годишен план кој покрај тоа што ќе ги покрива активностите и работата во однос на техниката, принципите на играта и се останато што е поврзано со фудбалот, исто така ќе им ги овозможи на своите членови и сите пропратни елементи почнувајќи од сместување, соодветна исхрана и нутриционистички план, здравствени и рехабилитациски услови, па се до реализирање на редовна едукативна програма. Елементи кои се од суштинско значење за развој на еден фудбалер.

Кои се главните цели и достигнувања кои очекувате да бидат исполнети при вашата работа со колегите од федерацијата и со децата кои ја посетуваат Академијата, дали сте задоволен од она што го гледате и досегашните резултати?

- Да бидам искрен, навистина сме задоволни од заложбите и работата на Федерацијата, но од друга страна останува фактот дека Академијата не е целосно завршена, што создава дополнителни несогласувања со клубовите. Тешко е за одреден клуб да донесе одлука своите најдобри поединци да ги отстапи на Академијата доколку истата не понуди комплетна поддршка и беспрекорни услови за развој на фудбалерите. Со комплетната реализација на проектот, клубовите чиишто играчи ќе бидат дел од оваа Академија ќе имаат само дополнителен бенефит. Она што се очекува во иднина е понатамошно продлабочување на комуникацијата и соработката на релација клубови – Федерација со заедничка цел, креирање на подготвени, силни, професионални фудбалери кои ќе бидат предводници на своите клубови и носители на играта на македонската репрезентација. Меѓутоа треба да се има предвид дека ова не се постигнува преку ноќ и тврдам дека успесите ќе дојдат како резултат на реализација на една континуирана визија на долг рок.

Настрана од вашето експертско поле, ФФМ и Скопје се избрани за домаќини на УЕФА Суперкупот во 2017, какво е вашето видување за еден ваков настан?

- Ова е одличен спортски настан, своевиден фудбалски празник и се надевам дека Скопје како домаќин ќе има од една страна голем предизвик да се покаже во вистинско позитивно светло, но од друга страна е огромено позитивно случување за градот, па и за целата држава. Се надевам дека ќе имате среќа и на арената Филип Втори ќе гостуваат атрактивни фудбалски велесили, но не се сомневам во тоа, сепак е Суперкуп, а секоја екипа која стигнала до тука претставува фудбалска величина. Ви посакувам успешна организација и одлична забава! 




   
   
Актуелности

24.05.2017    Вести

Супер Куп трофејот со најмладите - ФОТО

Тимовите од цела Македонија кои се борат да влезат во финалните натпревари од ФФМ Детската лига денеска пред да ги одигр...

Календар
А репрезентација