Ока Николов: Посебно е чувството кога си во националниот тим

Објавено на 12 Јуни, 2015 во Вести, Вести

Ока Николов, легендарниот голман на Ајнтрахт Франкфурт по речиси петнаесет години се врати во репрезентацијата на Македонија.

Николов кој повеќе од две децении го носеше дресот на германски Ајнтрахт, клуб за кој одигра повеќе од 400-ни официјални натпревари е вклучен во стручниот штаб на селекторот Љубинко Друловиќ како тренер на голманите во најдобрата репрезентација. Ока Николов има пет настапи за нашиот национален тим, но сите на пријателски натпревари. Тој е роден во Ербах (Германија), родителите му се родени во Струмица и иселени во Германија пред 40-тина години. Додека сеуште беше активен играч, педантните статистичари забележале уште само 18-ет играчи во чие Си-Ви пишува само едно име во колоната „клуб“. Ока Николов во друштво на Рајан Гигс, Гери Невил, Франческо Тоти, Пол Сколс, Икер Касиљас, Стивен Џерард...фудбалери кои целата своја кариера ја минале во еден клуб. Во продолжение, Ока Николов зборува за својата кариера, репрезентацијата на Македонија и новата функција во националниот тим.

-За мене е голема чест што добив можност да работам во националниот тим на Македонија. Со многу радост му се приклучив на тимот и се надевам дека ќе помогнам. Верувам во оваа екипа. Имаме потенцијал, квалитетни играчи, скромни играчи, селектор кој е студиозен, ништо не остава на случајност, работи според однапред планирана програма и сака модерен фудбал. Квалитетот е неспорен, но понекогаш во прашање е ждребот, среќата и многу други фактори. Но, имаме квалитет за добар резултат. Ова е нов стручен штаб и треба малку време и трпение. Репрезентацијата не е клуб каде играчите се постојано заедно, овде имаме неколку тренинга и одиме понатаму. Нема премногу време за разработување на играта и понекогаш е специфично во такви услови. Но, на крајот секој натпревар на националниот тим е важен, мораме да бидеме сериозни, да се обидуваме да победуваме и на крајот можеме да зборуваме за успех.


-Имаме одлични голмани, Томе Пачовски е нашиот капитен и голман кој може да им биде пример на помладите. Заеднички се обидуваме да им го пренесеме искуството на помладите. Сакам да бидам тренер, да им помогнам на другите и да направиме успех. За секој спортист нема подобро чувство по постигнат успех.

Ока Николов со многу емоции се сеќава на 2014. година кога ја заврши играчката кариера во Ајнтрахт. Милионскиот Франкфурт на незаборавен начин му оддаде почит. Денот кога од дресот на Ајтрахт се простуваше Ока, „Комерцбанк“ арената во Франкфурт беше преименувана во стадион „Ока Николов“.


-Незаборавен момент, момент во кој сфаќаш дека навистина си дал придонес за да заслужиш таква почит. 20 години во еден клуб е долг период, посебно во модерниот фудбал. Горд сум на секој ден поминат во клубот и им благодарам на сите за поддршката. Имавме радосни и тажни спортски моменти. Игравме финале во Купот на Германија, а како еден од моментите кои нема да ги заборавам е победата против Кајзерслаутерн кога изборивме опстанок во Бундес конкуренцијата. Ни требаше победа со четири гола разлика, а триумфот од 5:1 го издвојувавме во последната минута. Уве Баин, Ентони Ебоа, Андреас Мелер...големи играчи со кои делевме убави моменти.

Ока Николов покрај тоа што е вклучен во репрезентацијата на Македонија, работи и како фудбалски амбасадор на Ајтрахт Франкфурт. Сопруг на Нина, татко на 12 годишната Елена. 





   
   
Актуелности

16.04.2024    Вести

ФФМ и федерациите од регионот со безусловна поддршка за Александар Чеферин

На регионален состанок во Тирана, асоцијациите од Југоисточна Европа дискутираа за различни прашања и предизвици. Безусл...

Календар
А репрезентација