Македонската репрезентација до 21 година го одржа последниот тренинг во пресрет на дуелот со Казахстан

Објавено на 14 Октомври, 2019 во Вести, До 21 год

Ристовски и Руфати: Не се сомневаме дека тимот повторно ќе го даде најдоброто од себе за нова победа во квалификациите.

Македонската репрезентација до 21 година го одржа последниот тренинг во пресрет на утрешниот квалификациски натпревар против Казахстан за пласман на Европското првенство 2021. година.

Селекцијата на Благоја Милевски по воведните две кола има максимални шест бодови по домашниот триумф со Фарски Острови од 7:1 и победата во Подгорица против Црна Гора од 2:1. 

Нашите репрезентативци Аргон Руфати и Милан Ристовски сметаат дека овој натпревар против Казахстан ќе биде различен од претходните, велат дека противникот има квалитет, но убедени се дека со правилен пристап може да се издвојува нова победа во групата.

- Против Црна Гора остваривме значајна победа, иако натпреварот воопшто не беше лесен. Сепак, и покрај некои наши грешки и недостатоци во играта за кои зборуваме и работиме со селекторот и стручниот штаб, успеавме да победиме и да го добиеме посакуваниот резултат. Натпреварот со Казахстан ќе биде сосема поразличен. Противникот е квалитетен, физички се силни, но сметам дека со правилен пристап можеме да дојдеме до нови три бода. Не се сомневам дека заеднички повторно ќе дадеме сѐ од себе и на крајот ќе се радуваме, изјави Милан Ристовски.

- Ги оставаме зад нас првите два натпревари во кои остваривме две победи. Секогаш е специфично да се добие натпревар против противник за кој јавноста смета дека ќе биде лесно. Казахстан воопшто не е наивна репрезентација, играат брзо, тактички се одлично подготвени и мораме да бидеме многу внимателни и добри во дуелите доколку сакаме победа. Наше е да го одиграме тоа што го бара селекторот, а доколку успееме во тоа, мислам дека сме на прав пат, изјави Агрон Руфати.

Дуелот меѓу македонската репрезентација до 21 година против Казахстан ќе се одигра утре во 14:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. 





   
   
А репрезентација