Македонија со убедлив триумф против Лихтенштајн ги затвори квалификациите за СП 2018

Објавено на 09 Октомври, 2017 во Вести, Вести


Македонската фудбалска репрезентација со убедлив триумф (4-0) над Лихтенштајн ги заокружи квалификациите за Светското првенство во Русија. На крајот завршуваме на петтото место, со 11 бода, но само поради слабиот старт на циклусот и ’малерите’ кои не следеа во последните минути од некои мечеви кога ги губевме бодовите.

Висар Муслиу го постигна првенецот во 36.минута, две минути подоцна својата серија голови ја продолжи Александар Трајковски. Во второто полувреме, стрелаа и Енис Барди и Аријан Адеми на овој меч.

Македонија тргна офанзивно од почетокот, прв се закани Пандев уште во втората минута, но неговиот шут успеа да го одбрани противничкиот голман Јеле. Потоа следеа два обиди на Барди, вториот од слободен удар, кој заврши во живиот ѕид.

Долго се плетеше мрежата пред голот на Лихтенштајн, и конечно бункерот беше разбиен во 36.минута. Алиоски изведе корнер од левата страна, Висар Муслиу скокна највисоко во шеснаесетникот и со удар со глава ја испрати топката во мрежата.

Само две минути подоцна, одлична акција на нашата навална линија, истата врска од Торино, Пандев го проигра Александар Трајковски, а тој и на овој меч се запиша во листата на стрелците.

Во вториот дел, Несторовски се закани во 62.минута по проигрувањето од Пандев, но шутираше директно во голманот Јеле.

Тоа беше најава за третиот гол на Македонија, кој дојде четири минути подоцна. Трајковски одлично продре по десната страна, нафрли на вториот дирек, а Енис Барди со волеј-удар ја затресе мрежата на Лихтенштајн.

Аријан Адеми по двегодишна пауза за врати на теренот и по само шест минути во игра изведе фантастично шоу, сам ги ’измеша’ противничките фудбалери и погоди на вистинското место. Специјален, многу емотивен момент и за него, и за македонската фудбалска репрезентација. Во 68.минута, Македонија веќе имаше водство од 4-0. До крајот имавме уште неколку шанси, но и четири гола беа доволни за радост и убедлив триумф на крајот од квалификациите.

МАКЕДОНИЈА – ЛИХТЕНШТАЈН 4-0 (2-0)

Стадион „Младост“ во Струмица. Судија: Лорент Коприва (Луксембург). Стрелци: Муслиу 36’, Трајковски 38’, Барди 66’, Адеми 68’ (Македонија). Ж. Картони: Зајков (Македонија), Кауфман, Селе, Висер (Луксембург).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Зајков, Ристевски, Барди (76’ Дориев), Хасани (46’ Елмас), Алиоски, Трајковски, Несторовски, Пандев (64’ Адеми).

ЛИХТЕНШТАЈН: Јеле, Квинтанс, Малин, Кауфман, Гопел, Полверино, Бухел, Висер, Волфингер  (65’ Јилдиз), Брандл (72’ Ерне), Селе.





   
   
Актуелности

22.05.2018    Вести

Купот на Македонија ќе биде пренесуван и на знаковен јазик

Во обезбедувањето знаковен превод на финалето од Купот на Македонија меѓу Пелистер и Шкендија, ФФМ и Национална спортска...

Календар

24 Мај

17:00 Азербејџан - Македонија
    У21 пријателска

27 Мај

17:00 Азербејџан - Македонија
    У21 пријателска
А репрезентација