Објавено на 21 Март, 2025 во Вести, Вести
Македонската А репрезентација утре против Лихтенштајн во Вадуц го започнува квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2026. На официјалната прес-конференција говореа селекторот Благоја Милевски и капитенот Енис Барди.
Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација:
Максимално се подготвуваме за натпреварот. Би било добро да почнеме со победа и да ја продолжиме серијата позитивни резултати, но до бодови можеме само со нашето најдобро издание.
Ме радува што фудбалерите играат во своите клубови, имавме доста проблеми минатата година со неиграњето на репрезентативците во клубовите. Но, тие секогаш даваа максимум кога играа за селекцијата. Верувам дека сега ќе биде само подобро. За да победите мора сите линии да се на високо ниво, сите фудбалери се битни и нашиот фокус е да функционираме до максимум. Неколку фудбалери не можат да ни помогнат заради повреда, го имам стартниот тим во главата и верувам дека сите ќе бидат здрави по последниот тренинг. Имаме максимален респект и убеден сум во максимален пристап“.
Енис Барди – капитен на македонската А репрезентација:
„Деновиве добро се спремивме и сакаме да го продолжиме победничкиот менталитет. Свесни сме што ни значат овие квалификации. Во модерниот фудбал нема фаворити и мора тоа да си го врежеме во глава. Треба да дејствуваме како тим и само така можеме до три бода и до целта која си ја поставивме.
Енергијата и желбата за победа сами ќе си дојдат, имаме квалитет кој може да ни донесе три бода. Нема да го потцениме противникот.
Лихтенштајн и Македонија утре попладне од 15:00 часот ќе ја отворат нашата квалификациона група, во која во вечерниот термин ќе играат Велс и Казахстан.