Жан Франсоа Домерк: Заеднички промовираме правилни вредности

Објавено на 22 Септември, 2014 во Вести

Фудбалската федерација на Македонија стана дел од новата програма на УЕФА за развој на фудбалот за млади – елитни фудбалери.

Во конкуренција на 15 национални асоцијации, ФФМ заедно со федерациите на Ерменија и Грузија ја доби поддршката на УЕФА и во следниот период ќе работи според програмата за развој на млади – елитни фудбалери. Жан Франсоа Домерк е одговорен на одделот за фудбал на УЕФА, поранешниот прославен француски фудбалер е во работна посета на нашата федерација и низ теоретска и практична програма ја претставува програмата за развој пред тренерите кои работат во системот на ФФМ.

-Новата програма на УЕФА е многу позитивна од аспект на почетниот развој на младите, а кога зборуваме за развој, не мислиме само на фудбалскиот напредок, за нас е многу значаен развојот на младите и како личности со вистински вредности кои минуваат низ добар едукативен процес. Не радува тоа што вашата федерација веќе работи според дел од нашата програма, тоа за нас е многу важно бидејќи ни треба партнер кој веќе ја има поставено базата. За ФФМ тоа е фудбалската академија и младинските селекции, а наша цел е да ви помогнеме во целост да ги реализирате тие проекти и заеднички да се радуваме на новите  играчи кои ќе ги создадеме во иднина. ФФМ има филозофија за работа со млади категории, знаеме дека започнавте и со спроведување на Националната програма за развој на младинскиот фудбал. Ние нема да ви наметнуваме нов начин и друга филозофија на работа, само ќе се обидеме да ви помогнеме да го остварите зацртаното низ семинари на кои ќе учествуваат ваши тренери во странство и стручни луѓе кои ќе дојдат во Македонија да ја презентираат својата програма пред тренерите.

Високиот претставник на УЕФА потенцира дека соработката со клубовите е исклучително важна, вели дека ФФМ не е конкуренција на било кој клуб и ја посочува соработката со клубовите како важна алка во процесот на создавање на квалитетни играчи.

-За федерацијата, па и за нас како носители на проектот е многу важно клубовите да ја сфатат програмата и целосно да се вклучат во остварување на целите кои произлегуваат од нашата програма. Ние работиме со деца кои имаат 14-15 години, сите ние кои сме вклучени во проектот мора да сфатиме дека ни требаат млади личности со „отворен ум“, а тоа ќе го остварат низ едукативниот процес, со квалитетна наставна програма, со изучување на вредности кои ги промовира УЕФА и со тренинг процес и техничка стратегија која веројатно е најважна во периодот кога младите се соочуваат со многу предизвици на теренот и надвор од него. За нас е многу важна инфрастурктурата, центарот кои ќе биде изграден за потребите на проектот и напредокот на тренерите кои се вклучени во процесот на создавање млади – елитни фудбалери. Целта на овие проекти е тактички, технички и физички да бидеме многу посилни и клубовите кои даваат млади играчи не треба да се плашат дека имаат било каква конкуренција, да го сфатат како визија на луѓе што сакаат да помогнат и да го подигнат нивото на фудбалот.

Жан Франсоа Домерк е поранешен француски репрезентативец, беше дел од славната генерација на „триколорите“ предводена од Мишел Платини која триумфираше на Европското првенство 1984. година. Домерк е поранешен фудбалер на Олимпик Марсеј и функционер во ПСЖ.

-Со радост се присетувам на моментите кога триумфиравме на Европското првенство, постигнав два гола во полуфиналето против Португалија, а Платини не водеше во финалниот натпревар за победа против Шпанија. Тоа беа времиња кога фудбалот беше многу поразличен од денешниот, времињата се менуваат, а сите ние мораме да се прилагодуваме на условите денеска. Учиме, откриваме нови работи и убеден сум дека сите сакаме успех. Со напорна работа ќе го достигнеме. 




   
   
А репрезентација