Станојковиќ: Веруваме во позитивен резултат на утрешниот дуел со Шкотска

Објавено на 20 Октомври, 2015 во Вести, До 17 год


Младата репрезентација на Македонија до 17 години утре со почеток од 18.00 часот против Шкотска го игра првиот натпревар од групата 12 во рамките на УЕФА квалификацискиот турнир за пласман во елитната фаза квалификации. Дуелот од првото коло против шкотите го играме на стадионот Лазур во Бургас.

Предводникот на репрезентацијата на Македонија до 17 години, Вујадин Станојковиќ верува во позитивен резултат на утрешниот дуел против силната Шкотска и вели дека во националниот тим владее одлична атмосфера за која смета дека ќе биде од големо значење во овие квалификации.

„ Шкотска е многу силна европска селекција која е составена од играчи кои се дел од врвни тимови кои настапуваат во англиската Премиер лига. За нејзе нема потреба да се трошат многу зборови. Фаворити се на утрешната средба, меѓутоа и ние сме квалитетна репрезентација и нема да се предадеме пред време. Верувам во моите играчи кои поседуваат квалитет да и парираат на репрезентација каква што е Шкотска. Верувам во позитивен резултат. Тој може да се оствари само со поголема ангажираност и концентрација на секој фудбалер во текот на целиот натпревар. Радува фактот што во нашата репрезентација владее одлична атмосфера и мотивираноста кај фудбалерите е на едно многу високо ниво", вели селекторот Вујадин Станојковиќ.

Аздрен Мена поради повреда нема да биде во можност да се стави на располагање на националниот тим, на негово место повикан е Кирил Ристовски.

Конечниот список од 18 фудбалери го комплетираше фудбалерот на Шкендија, Енис Фазлагиќ кој успеа да ја добие довербата од селекторот Вујадин Станојковиќ.




   
   
А репрезентација