Станиќ: Пристапот е една од клучните работи

Објавено на 16 Септември, 2015 во Вести, До 19 год


Mакедонската репрезентација до 19 години загуби од врсниците на Босна и Херцеговина на првиот контролен натпревар, а селекторот на нашите младинци Горан Станиќ главната причина за поразот ја бара во последната линија од одбраната која не беше на висина на задачата на дуелот во Ѓорче Петров.

-Бевме сосема добри во фаза на напад, постигнавме два гола, создадовме и неколку добри прилики за гол кои не ги искористивме, но впечатокот го расипа нашата игра во одбраната која едноставно не функционираше според посакуваното и договореното. Видовме дека последната четворка во дефанзивниот ред не се снаоѓаше добро и сигурно ќе има промени, не само за вториот натпревар со босанците, туку и за квалификациските натпревари во октомври. Кога играте за репрезентацијата морате да давате 100 отсто од себе, во спротивно против секој противник ќе биде тешко. Не велам дека играчите не се трудеа, но босанците се трудеа повеќе. Пристапот е една од клучните работи, тоа мора да го сфатиме сите. Убеден сум дека ќе изгледаме многу подобро на утрешниот натпревар, важно за нас е и резултатски да минеме добро, изјави селекторот на репрезентацијата Горан Станиќ.


Македонија и Босна и Херцеговина утре во 11.00 часот на стадионот во Ѓорче Петров го играат вториот контролен натпревар. Дуелите против БиХ до 19 години се последна проверка спроти квалификацискиот турнир кој го организираме во Скопје од 7. до 14. октомври за пласман на Европско првенство – елитна група.




   
   
А репрезентација