Средствата собрани од натпреварот Македонија - С. Ирска донација за настраданите од поплавите

Објавено на 18 Август, 2016 во Вести


Фудбалската Федерација на Македонија одреди цена од 100 денари за влезница за натпреварот Македонија – Северна Ирска за репрезентации до 21 година кој ќе се одигра на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје на 6. септември.

Средствата кои ќе бидат собрани од продажбата на билети од натпреварот Македонија - С. Ирска ќе бидат наменети за настраданите од поплавите во скопскиот регион.

Одлуката на ФФМ за подршка на настраданите од поплавените подрачја ја поздравија репрезентативците на Македонија Давид Бабунски и Енис Барди.

„Овие недели во Скопје, беше и тешко и напнато но сплотени се издигнавме. Со вашата поддршка за репрезентацијата на Македонија помагате и за поплавените подрачја. И за нас ќе биде и тешко и напнато, но оваа репрезентација покажа дека може многу. Да си помогнеме заеднички, навивајте за Македонија„ изјави Давид Бабунски, фудбалерот на Црвена звезда.

Енис Барди во врска со одлуката изјави „За репрезентацијата на Македонија играме со толку многу страст, желба и залагање, но сега ни треба вашата подршка за да им покажеме на сите како се сака националниот дрес. Дојдете на „Филип Втори“ заедно да помогнеме за погодените од поплавите и да се радуваме на победа„.

Младата репрезентација на Македонија во тековните квалификации има шанса да се бори за пласман на Европско првенство. Во третата квалификациска група Македонија се наоѓа на делба на второто место со репрезентацијата на Франција, а пресметката против Северна Ирска е можеби најважниот натпревар за избраниците на Благоја Милевски. Селекторот на нашиот национален тим до 21 година идната недела ќе го објави списокот на повикани репрезентативци.

На истата седница на комитетот за итност се донесени Пропозициите за натпреварувањето на третите лиги за натпреварувачка сезона 2016/2017 година, Пропозициите и  Календарот за натпреварување во Првата женска фудбалска лига за натпреварувачката 2016/2017 година, Ппропозиции за Прва лига во мал фудбал – футсал за натпреварувачка сезона 2016/2017 година. Седницата на Управниот одбор е презакажана за идниот месец.  



   
   
А репрезентација