Синиша Павлески – Вистинскиот навивач!

Објавено на 13 Ноември, 2014 во Вести

Синиша Павлески навистина го сака фудбалот. Толку многу што не му е доволно само да гледа и навива.

За фудбалот, за македонската репрезентација, Синиша размислува со методична филозофија, како ладнокрвен хроничар и со страст на изворен кичевчанец.

Тоа го прави веќе триесет години, од Светското првенство во Шпанија 1982. година, кога, како дете, во паузата меѓу два натпревари со фантастично внимание го пополнувал албумот за „Шпанија 82“ со сликички од Паоло Роси, Мишел Платини, Паненка, Румениге, Гудељ, Зико...

Сега, со 45 години и нешто помалку фудбалско искуство, ја раскажува својата фудбалска приказна.

-Фудбалот е мојата страст, репрезентацијата на Македонија и Напредок од Кичево се тимовите за кои навивам цел живот. Од првиот квалификациски натпревар на Македонија против Данска во 1994. година немам пропуштено ниту еден домашен натпревар, уште повеќе, ги имам сите билети од натпреварите, а единствениот гратис билет кој сум го добил е за натпреварот со Унгарија. Едноставно, сакам да купам билет за репрезентација, сакам да придонесам со мојата поддршка да бидеме успешни. Секогаш со радост се присетувам на првиот гол на Митко Стојкоски против Данска, а натпреварот против Република Ирска и нашата победа од 3:2 ја доживеав најемотивно.

Како секој педантен статистичар, Синиша во посебна папка ги чува билетите од секој натпревар на македонската репрезентација, а статистиката од секоја наша пресметка ја води во посебен комјутерски директориум.

-Досега во живо, на стадион, имам гледано натпревари на 41 европски селекции. Желбата ми е да ги гледам сите 54. репрезентации кои се членки на Уефа. Неколкупати сум купил карта на црно, платив илјада денари за нашиот домашен натпревар против Шпанија. За дуелот против Англија на „Градски“ имаше неверојатна редица пред билетарницата на стадионот и заедно со еден пријател чекавме да купиме карта од шест часот наутро в сабота. Не сфаќам зошто луѓето чекаат само големи репрезентации за да дојдат на стадион, мора да имаме најпрвин чувство на припадност за својата репрезентација, да одиме да навиваме за нашата селекција сеедно дали доаѓа Шпанија, Англија, Италија, некоја друга репрезентација или неатрактивен противник. Не ја разбирам ниту потребата луѓето со негодување или свирежи да ја испраќаат својата репрезентација, свирежите ги мразам, понекогаш треба да се огледаме на Англија и однесувањето на навивачите на островот, аплаудираат и кога нивниот тим губи, сето тоа е страста за фудбалот. Колку и да има успеси во другите спортови, фудбалот секогаш ќе биде број еден.

Синиша е вработен во Македонска пошта, во бирото за филателија, ја поседува можеби најголемата колекција на поштенски марки со тема – папагалии има освоено 16 медели на меѓународни филателистички изложби. Со текот на времето, филателијата му донесе повеќе пријатели со истиот интерес. Со нив  се дружи и разменува марки и идеи. На ист начин како и со пријателите кои ги стекнал преку фудбалот и натпреварите на македонската репрезентација.

-Тие вредности му ги пренесувам и на син ми, од неговата шеста година заедно ја бодриме македонската репрезентација на сите натпревари. Сакам на ист начин и поголема страст да ја бодри фудбалската репрезентација. Сега јас ги прераскажувам приказните за натпреварите и влезниците, во блиска иднина можеби ќе ги раскажува тој. Нова надеж, како и македонскиот фудбалски состав кој секогаш ќе го поддржувам.




   
   
Актуелности

16.04.2024    Вести

ФФМ и федерациите од регионот со безусловна поддршка за Александар Чеферин

На регионален состанок во Тирана, асоцијациите од Југоисточна Европа дискутираа за различни прашања и предизвици. Безусл...

Календар
А репрезентација