Саша Ќириќ: Ќе бидеме репрезентација за почит

Објавено на 05 Декември, 2014 во Вести, До 21 год

Спроти селективниот тренинг-камп на репрезентацијата на Македонија до 21. година разговаравме со техничкиот менаџер на младата селекција, Саша Ќириќ.

Зад него е богата репрезентативна и интернационална кариера, некогашниот член на македонската репрезентација, легенда на скопски Вардар и еден од најдобрите голгетери на германски Нирнберг одигра бројни фудбалски битки, во многу од нив излезегуваше како победник, но пред него сега е сосема поинаков предизвик. Се врати во функција на македонскиот фудбал, а позицијата технички менаџер ја разбира како врска меѓу федерацијата, играчите и стручниот штаб во младата репрезентација. Потенцијалот на селекцијата е дополнителна причина за неговото враќање во македонскиот фудбал.

-Младата репрезентација на Македонија има голем потенцијал, веројатно тоа е главната причина што прифатив да бидам технички секретар, иако веќе извесно време имав добра соработка со луѓето од федерацијата. Заедно со секретарот во тимот, Зоран Зафиров имаме обврска да ги обезбедиме сите потребни услови за беспрекорна работа на селекторот на репрезентацијата Благоја Милевски, постојано да бидеме во контакт со репрезентативците, да го следиме и организираме начинот на подготовка на играчите, и да бидеме дел од огранизацијата на официјалните и пријателските натпревари. Се обидуваме да бидеме врската меѓу играчите, федерацијата и стручниот штаб. Да работите со млади играчи и позитивни луѓе, тоа е голема работа. Тоа е големо искуство за мене, сега можам да разберам што тие млади играчи знаат, што им недостасува, оваа работа ме исполнува и се надевам дека ќе биде долготрајна. Исто така, голема радост ми носи и организирањето и учеството на натпреварите на селекцијата на ветерани на Македонија, организираме пред се натпревари од хуманитарен карактер и играме во целата држава, посебно во помалите места.

Поранешниот голем играч и голгетер на бундеслигашите Нирнберг и Ајнтрахт вели дека атмосферата во младата селекција е на високо ниво, а придонес за тоа имаат сите кои се вклучени во тимот, најмногу играчите кои имаат одличен пристап и почит кон селекторот.

-Успеавме да создадеме позитивна атмосфера околу репрезентацијата, а тоа во голема мера влијаеше за двете последни победи на контрлоните натпревари против Црна Гора и Романија. Најмногу ме радува играта која тимот ја прикажа на натпреварите,  потврдуваме дека со секој следен натпревар го надминувме т.н. „комплекс на пониска вредност".  И не само јас, веројатно многу поважно и играчите ја потенцираат добрата енергија во тимот, тоа значи дека сме на вистинскиот пат.

За очекувањата од фудбалска јавност, Ќириќ вели дека се секогаш големи и оптимистички. Резултатот на репрезентацијата ќе зависи и од противниците кои ќе ги добиеме на извлекување за квалификациите за Европското првенство.

-Ако ги земеме резултатите од последните квалификации, ние не сме фаворити, но да ја почекаме ждрепката и врз основа на противниците да даваме прогнози. Знам дека го респектираме секој противник, но не се плашиме. Во секој натпревар мораме да влеземе максимално сериозно, во спротивно ќе биде многу тешко. Убеден сум дека играчите ќе бидат подготвени физички и психички и со позитивна енергија ќе влеземе во новиот циклус на натпревари од кои очекуваме радост и победи. Ние во секој случај ќе бидеме репрезентација за почит и респект, ниту главниот фаворит во групата нема да мине лесно и да смета на сигурни бодови против оваа наша репрезентација. Дел од играчите како Радевски, Велковски, Бабунски веќе имаат настапи и за А репрезентацијата на Македонија, тоа дава нова потврда за квалитетот на младата селекција, се надевам дека во блиска иднина ќе го потврдиме тоа и на важните квалификациски натпревари. 




   
   
Актуелности

08.04.2024    Вести

Македонија до 14 години: Второ реми без голови против Турција

Неџат Шабани: Бевме подобар противник и заслуживме барам победа на еден од двата натпревари....

06.04.2024    Вести

Женската репрезентација до 19 години запиша нова победа

Селекцијата на Астрид Мерко славеше со 2:0 против Литванија....

Календар
А репрезентација