Репрезентацијата на Македонија до 21 година го имаше првиот собир во пресрет на последниот квалификациски меч со Шкотска

Објавено на 03 Октомври, 2016 во Вести, До 21 год


Репрезентацијата на Македонија до 21 година ги започна подготовките за последниот меч од квалификациите за пласман на Европско првенство против селекцијата на Шкотска на 11 октомври на националната арена „Филип Втори”. Нашите млади фудбалери пред крајот на овој квалификациски циклус се наоѓаат на првото место во Групата 3, пред Франција и Исланд кој има натпревар помалку, и се на чекор од пласман на Европското првенство кое наредна година ќе се одржи во Полска.

Чуварот на мрежата на репрезентацијата предводена од Благоја Милевски и член на Работнички, Дамјан Шишковски вели дека Шкотска ќе биде незгоден противник, но очекува победа на националната арена „Филип Втори”.

-Дуелот со Шкотска е многу важен за нас, погледнато од било кој аспект. Играме против репрезентација која е многу компактна, физички спремна и знае да одигра на резултат. Немаме притисок, знаеме која е нашата цел и ќе се обидеме да ја оствариме. И на овој натпревар ќе пристапиме исто како што беше случајот и со претходните средби, со максимална ангажираност, борбеност и концентрација во текот на натпреварот, како и желба за победа.Имаме доволно време пред нас, седум дена да се подготвиме најдобро за овој важен тест. Атмосферата е на највисоко можно ниво, сите фудбалери се ставени на располагање на селекторот Благоја Милевски, освен Енес Барди кој има повреда, но би требало да конкурира за настап на мечот. Се надевам дека и резултатите од другите натпревари ќе идат во наш прилог, особено се надевам на кикс на селекцијата на Исланд против Украина.

Прв повик за селекцијата до 21 година доби Јован Попзлатанов, крилниот фудбалер на битолски Пелистер, кој со своите добри игри го привлече вниманието на селекторот Милевски. Тој не го криеше задоволството од добиената доверба на стручниот штаб.

-Овој повик за мене претставува огромно задоволство, чест е да се биде во составот на оваа селекција на играчи, особено за еден ваков натпревар кој е од огромно значење за нас. Се надевам дека ќе успеам да ја оправдам довербата која ми ја укажа селекторот Боби Милевски и неговиот тим. Се ставам целосно на располагање на тимот, сакам да помогнам во остварување на позитивен резултат и испишување на нова историја во македонскиот фудбал на последниот натпревар од квалификациите против селекцијата на Шкотска.





   
   
А репрезентација