Репрезентација до 21 година: Да ја потврдиме нашата вредност и против Бугарија

Објавено на 27 Март, 2017 во Вести, До 21 год


Македонија - Бугарија

Контролен натпревар

28. март 2017., 14:00

Тренинг центар „Петар Милошевски“, Скопје.

Репрезентацијата на Македонија до 21 година утре против Бугарија во 14:00 часот игра пријателски натпревар на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. За фудбалерите кои ќе настапат на Европското првенство во Полска од 17. јуни овој меч е веројатно последниот тест пред континенталниот шампионат.

Голманот на нашата млада селекција, Игор Алексовски вели дека натпреварот со Бугарија е добра можност да ја продолжиме успрешната резултатска низа.

-Секогаш е убаво чувството кога играме пред своите навивачи, тоа за нас секогаш е поттик повеќе. Добро работевме во изминатиот период. Знаеме дека како што се наближува Европското првенство и притисокот врз нас ќе станува се поголем, но не бегаме од одговорноста. Натпреварот против Бугарија е добра можност да се обидеме да ја продолжиме успешната низа. Бугарија има квалитетен состав и ќе биде одличен натпревар. За нас е важно да ги почитуваме насоките од стручниот штаб и се надевам дека ќе бидеме на висина на задачата, изјави Алексовски.

Капитенот Бобан Николов смета дека и на натпреварот против Бугарија, нашата репрезентација ќе ја повтори својата вредност.

-Без разлика што е пријателски, овој натпревар е многу важен за нас затоа што ова е веројатно последниот подготвителен меч пред Европското првенство во Полска. Одиме на победа, ние сме меѓу најдобрите 12 репрезентации во Европа и повтороно ќе се обидеме да ја покажеме нашата вредност. Го оставаме зад нас натпреварот против Лихтенштајн и се фокусираме на Бугарија. Се надевам дека и публиката ќе не бодри како и досега и ќе биде наш играч повеќе, изјави Бобан Николов.




   
   
А репрезентација