Раководството на косовската федерација во официјална посета на ФФМ

Објавено на 18 Април, 2019 во Вести


Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Муамед Сејдини, генералниот секретар на ФФМ Филип Поповски и заменик генералниот секретар Дрилон Ганиу, денеска во „Куќа на фудбалот“ ја примија на состанок делегацијата на Фудбалската федерација на Косово предводена од претседателот Агим Адеми, потпретседателот Бакир Бури и генералниот секретар Ерол Салиху.

Претставниците на двете национални федерации на состанокот разменија искуства во однос на организацијата на натпреварите и вложувањата во инфрастурата, а оваа прилика ја искористија да ја потврдат одличната соработка и меѓусебното почитување.

Од мое лично и во име на Фудбалската федерација на Косово ја користам можноста да упатам честитки за вашиот избор за претседател на Фудбалската федерација на Македонија и да ви посакам многу успех и среќа во иднина. Познавајќи ве лично, убеден сум дека заслужената доверба ќе ја оправдате на најдобар начин и вистински ќе придонесете за развој на фудбалот во вашата држава. Ние отсекогаш сме имале одлични односи со вашата федерација и веројатно тоа е причина тука да се чувствуваме како дома, затоа сме многу благодарни за вашиот придонес за развојот на фудбалот во регионот. За Фудбалската федерација на Македонија слушаме многу позитивни работи на различни состаноци или семинари во организација на УЕФА и ФИФА, јасно е дека со вашата работа таа доверба е заслужена и немаме сомнение дека тој пристап и во иднина ќе ви донесе добри резултати и успешна работа. Се надевам дека од вашето искуство и ние како помлада федерација ќе искористиме многу работи”, изјави претседателот на Фудбалската федерација на Косово, Агим Адеми.

Благодарност за вашата посета и убавите зборови во однос на мојот избор за претседател на ФФМ. Ние како федерација секогаш сме отворени за соработка, посебно со нашите блиски пријатели од регионот и не се сомневам дека така ќе биде и во иднина. Ова е убава можност да размениме искуства  во однос на организацијата на натпреварите, фудбалската инфраструктура, но и да разговараме за одредени проблеми со кои се соочуваме тука во Македонија и во Косово. Убеден сум дека во иднина нашата соработка ќе ја продлабочиме, а тоа ќе биде од корист за двете федерации, рече Муамед Сејдини, претседател на ФФМ.




   
   
А репрезентација