РАБОТНИЧКИ – МЕТАЛУРГ, ПЕХАРОТ ОД КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАЌА ВО СКОПЈЕ

Објавено на 09 Мај, 2014 во Куп на Македонија

По пауза од неколку сезони пехарот во фудбалскиот куп на Македонија се враќа во главниот град. Утре со почеток од 20.00 часот на Националната aрена „Филип Втори“ во финалето ќе играат Металург и Работнички.

По пауза од неколку сезони пехарот во фудбалскиот куп на Македонија се враќа во главниот град. Утре со почеток од 20.00 часот на Националната aрена „Филип Втори“  во финалето ќе играат Металург и Работнички. За Металург ова е второ финале, а во досегашните учества имаат 100% ефект. Во 2011 година во финалето одиграно во Прилеп тие беа поуспешни од Тетекс со 2-0. Работнички пак ќе се обиде по трети пат во нивната историја да се закити со драгоцениот пехар од македонскиот фудбалски куп. Во 2008 година стигнаа до првиот пехар по победата од  2-0 против Милано. Пехарот беше одбранет и наредната сезона по подоброто изведување на пенали против Македонија Ѓорче Петров со 6-5.

Ланскиот освојувач на на купот Тетекс беше елиминиран од Металург, додека „романтичарите“ по пенал рулетот ја исфрлија штипска Брегалница. Финалето е вистински „шлаг“ на добрата сезона на двете екипи. До сега низ историјата на фудбалскиот куп на Македонија имало пет финалиња помеѓу тимови од главниот град. На три пати играле екипите на Вардар и Слога Југомагнат, додека по еднаш за пехарот се бореле Цементарница- Слога и Македонија Ѓорче Петров со Работнички. И лани имавме градско финале помеѓу екипите на Тетекс и Шкендија.

„ Првенството се игра во текот на целата година. Ова е сосема поинаква средба и ваквите натревари имаат посебен шмек. Работнички е квалитетна екипа, за што најдобра потврда е таа дека се  наоѓаат на  лидерската позиција. Работат одлично со младите категории, но и ние сме на добар пат, со учеството на кадети и младинци минатата година и оваа сезона во финалињата. Двете екипи го заслужија финалето, бидејќи покажаа најмногу. Фудбалски празник. На ваквите средби се покажува квалитетот и големината на играчите“ - проценува тренерот на Металург Срѓан Захариевски.

Игор Ангеловски, тренерот на Работнички смета дека нема поголем мотив од фактот дека победникот ќе остане запишан во фудбалската историја.

„Во финалето секој игра со посебен мотив. Финалето е меч кој е предизвик за секој бидејќи само победникот останува запишан во историјата. Во моментов двете екипи играат одличен фудбал. Досега одигравме три натревари и немаме победа. Верувам дека истата ќе дојде во најбитната средба оваа година.“

Благоја Тодоровски (капитенот на ФК Работнички): Пред извесен период загубивме од нашиот противник со кого играме во финалето. Дополнителен мотив е да одиграме за повредениот Стефан Вујчиќ, како и за сите нас. Се надевам дека ќе го подигнеме пехарот.
Миле Крстев (капитен на ФК Металург): „ Настапот во финалниот натпревар е посебна чест за секој фудбалер. Се надевам дека ќе одиграме квалитетно и нека победи подобриот. Нема дилема дека сите актери ќе го дадат максимумот на оваа средба и дека ќе се претстават во право светло.

За целото финале да има „скопски шмек“ се погрижи и делегирањето на главниот судија. Арбитражата ќе ја дели Димитар Мечкаровски со асистентите Марјан Кировски и Гоце Петрески. Судии позади головите се Александар Ставрев и единствениот прилепчанец Горан Спиркоски. Четвртиот судија  ќе биде Никола Караколев од Штип.




   
   
Актуелности

16.04.2024    Вести

ФФМ и федерациите од регионот со безусловна поддршка за Александар Чеферин

На регионален состанок во Тирана, асоцијациите од Југоисточна Европа дискутираа за различни прашања и предизвици. Безусл...

Календар
А репрезентација