Николче Новески – пример за идните генерации

Објавено на 09 Септември, 2015 во Вести, Вести

Голем професионалец и фудбалер, уште поголем како човек. Николче Новески е синоним за успешен фудбалер со богата кариера во Германија.

Новески беше столб на одбраната на репрезентацијата на Македонија за која настапуваше во секое време и беше незаменлив дел. Ќе се паметат неговите дуели со Бекам, Овен, со силните холанѓани Ван Нистелрој, со Торес, со Крауч...со сите звучни играчи Новески излегуваше како победник, а го красат неговата скромност и професионализам. Секогаш подготвен да „изгине“ на теренот, да направи разлика во дефанзивата. Меѓутоа, после минатите квалификации популарниот Коче се одлучи за крај. Многуте обврски кон клубот и силното темпо беше причина да донесе таква одлука за која самиот тој вели дека му била најтешка во кариерата.


ЧЕСТ И ГОРДОСТ ДА СЕ НОСИ МАКЕДОНСКИОТ ДРЕС

„За репрезентацијата секогаш и секаде“, изјави Николче Новески кој пред да објави крај на репрезентативната кариера секогаш беше подготвен за националниот тим.

„Голема чест и гордост е да се игра во дресот со државниот грб. Тој момент кога се свири химната, секогаш е голем и сон на секој играч. Да се игра за својата држава, да се бранат боите на својата родна земја е нешто незамисливо што не се менува со ништо на светот“, изјави Новески.

ДУЕЛИТЕ СО ЧЕШКА И ДУЕЛИТЕ СО „ГОЛЕМИТЕ“ ЗА НЕЗАБОРАВ

Новески имал многу дуели со познати играчи, со силни и слаби репрезентации. Кои од дуелите му се останати во долго сеќавање?

„Секако тоа е дебито за репрезентацијата против Чешка. Ќе останат во долго сеќавање и натпреварите на пример со Холандија кога игравме 2:2, потоа против Англија со силните Бекам, Овен и потоа со Крауч, Лампард и Жерард. Исто така, ќе го паметам и пријателскиот меч со Шпанија кога водевме со 2:0, а потоа шпанците ја покажаа својата сила и успеаја да направат пресврт“, додаде Новески.


ОДЛУКАТА ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ СО ТЕШКО СРЦЕ

После квалификациската кампања за пласман на СП 2014, Новески се одлучи да каже збогум на репрезентативниот дрес. Силното темпо во својот клуб, многуте обврски, но и годините, го натераа на таков потег, иако одлуката не била донесена одеднаш, туку за нејзе се размислувало подолго време.

„Тоа ми е најтешката одлука. Кога ќе се сетам со колку радост и задоволство одев на репрезентативните повици. Играв против врвни репрезентации, пред полни стадиони и одлична атмосфера. Секогаш е убаво, меѓутоа одлучив затоа што сметав дека веќе не можам да се носам со тој предизвик. Не оди да дојдам во националниот тим уморен или неподготвен. Силното темпо исто така си имаше свое влијание, но и се случија многу промени во репрезетацијата и одлучив да кажам дека е доста. Чест ми беше што бев дел од националниот тим и тие настапи, собири, тренинзи, атмосфера пред излегувањето на теренот ќе ми остане засекогаш во моето срце“, изјави Новески кој неколкупати беше капитен на репрезентацијата.

„Искрено ми беше потешко да бидам капитен во клуб, отколку во репрезентацијата. Згора на тоа во националниот тим бев втор капитен после Горан Пандев. Меѓутоа во клуб си заедно со играчите 300 денови во годината, во репрезентацијата 20 дена. И секако дека е потешко да си лидер и да се управува со една средина повеќе денови. Задоволство беше да се биде капитен и на репрезентацијата, тоа е факт, меѓутоа чувствував поголем притисок на клупски план“, додаде Новески.

Николче Новески доби потврда на статусот клупска легенда во германски бундеслигаш Мајнц, откако се прости од дресот на Мајнц по 11 години. Навивачите на Мајнц му приредија незаборавен спектакл, а во четвртата минута, што симболично го претставува неговиот дрес со број 4 сите на стадионот беа на нозе и го скандираа неговото име. Истовремено беше истакнат и голем транспарент на кој пишуваше:

„11 Години, 345 натпревари, 13 погодоци, рекордер за автоголови, рекордер за настапи во Европските купови…Ти благодариме за се Николче Новески“.

Беше прикажано видео за Новески, а во арената одекнуваше класичниот хит на Синатра ’Го сторив тоа на мој начин‘, колегите стоеја во шпалир, а навивачите развија транспарент на кој беше напишано ’О, капетане, мој капетане!‘.

Со солзи в очи Николче Новески ја напушти големата бина. Како великан заслужи да се прости и од репрезентацијата на Македонија.

На Националната арена „Филип Втори“ на натпреварот Македонија – Шпанија на 8. септември ги развеавме знамињата во чест на големиот фудбалер Николче Новески.

Пред почетокот на натпревар со европскиот шампион, Новески доби официјално признание од Фудбалската федерација на Македонија.

Пример за углед и апсолутна доверба.

НИКОЛЧЕ НОВЕСКИ
Роден: 28.4.1979 г. во Битола
Висина: 190 см
Позиција: стопер
Клубови во Германија: Ханза Рошток, Ауе, Мајнц (вкупно од 1998 до 2015 година во Германија одигра 399 меча, постигна 22 гола)
Репрезентација на Македонија: 64 меча, пет гола



   
   
Актуелности

16.04.2024    Вести

ФФМ и федерациите од регионот со безусловна поддршка за Александар Чеферин

На регионален состанок во Тирана, асоцијациите од Југоисточна Европа дискутираа за различни прашања и предизвици. Безусл...

Календар
А репрезентација