Македонија победнички започна во Лига на Нации

Објавено на 07 Септември, 2018 во Вести, Вести

А репрезентацијата на Македонија го победи Гибралтар со 2:0 на гостински терен.

Триумф на Македонија на отворањето од УЕФА Лигата на Нации на гостувањето кај Гибралтар со резултат 0:2 во рамките од групата 4 на патот кон пласман на Европското првенство 2020. година.

Стрелци на погодоците во првата победа на „црвено-жолтите" во Лига Д беа Иван Тричковски и Езџан Алиоски.

Избраниците на Игор Ангеловски одиграа добар натпревар и ја потврдија разликата во класи меѓу нашата селекција и Гибралтар. 

Ангеловски го потврди најавениот тим и му даде предност на Тричковски пред Несторовски. Почнавме отворено, во 16. минута Спировски со долга топка го пронајде Тричковски, но овој биеше над голот на Голдвин. Тоа како да беше најава за водството, кое стигна три минути подоцна. Трајковски додаде десно до Ристовски, овој убаво центрираше, а Тричковки од волеј ја погоди небранетата мрежа за 0-1. 

Во 35. минута Стефан Ристовски прекрасно го најде Барди, овој изби сам пред Голдвин, биеше централно, па домашниот голман одби во корнер. По ударот од аголот од десната страна, топката дојде до Алиоски кој со волеј со левата нога ја погоди целта за 0-2. 

Спировски со глава по корнерот на Барди прв се закани во вториот дел, но биеше преку голот. Во 55. минута Алиоски се обиде со „ножички“, но ударот заврши крај голот. До крајот рутинирано ја држевме топката во незе, штедејќи сила и недозволувајќи му на противникот да се надева на шанса за погодок.

Сега следува вториот дуел за избраниците на селекторот Игор Ангеловски в недела од 18:00 часот против Ерменија на „Филип Втори" Арената во Скопје.

Она што исто така радува е одличната серија на Македонија без пораз, односно последен пат загубивме на 11. јуни 2017 год. дома од Шпанија минимално со 1:2.

После тој меч за мундијалските квалификации досега во осум натпревари имаме учинок од четири победи и четири нерешени средби.



   
   
А репрезентација