Интервју со Игор Ангеловски, селектор на А репрезентацијата на Македонија

Објавено на 06 Април, 2016 во Вести, Вести

Со селекторот на А репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски разговаравме по завршувањето на двата контролни натпревари на Македонија против Словенија и Бугарија.

Една победа (Црна Гора 4:1) и три порази (Либан 0:1, Словенија 0:1 и Бугарија 0:2) на четири натпревари на клупата на А репрезентацијата на Македонија. По овие контролни натпревари веројатно имате многу појасна слика за можностите на селекцијата која ја водите, резултатски не минавме добро, но каква е вашата слика за состојбата во националниот тим?

-По овие четири натпревари мислам дека добив уште појасна слика за учинокот на секој поединец и на тимот како целина. Не е лесно, но знам зошто сум избран на оваа позиција. Верувам дека можам да ги остварам целите и свесен сум дека оние кои се одлучиле за мене знаат што носам со себе, колку можам да издржам притисок и какви квалитети можам да донесам.  Наша цел во овој период е да го дефинираме тимот за следниот квалификациски циклус и да го избереме најдоброто што го имаме за многу поважните натпревари. Резултатите кои ги остваривме на последните натпревари во никој случај не можат да не прават задоволни, но од друга страна, не смее да се занемари фактот што игравме против поквалитетни репрезентации во моментот од нашата и дека во одредени сегменти од играта покажавме дека можеме да се носиме и надигруваме и со посилните селекции.

Најголемиот проблем останува реализицијата. Имајќи го в предвид фактот дека главно тежнеете кон прилично офанзивни формации, каде ги гледате причините за неефикасноста пред противничкиот гол? Сметате ли дека Македонија создава доволно шанси кои потоа не се реализираат или ниту тие создадени прилики не се на вистинско ниво?

-Анализите од натпреварите покажуваат, а тоа и статистички се потврдува дека ние имаме одличен процент на посед на топка, играме висок пресинг, доволно сме агресивни, но за жал не реализираме. Исто така, анализите покажуваат дека и доволно пати сме дошле до завршница, но проблем е реализицијата. Јасно е дека мораме да се подобриме во тој сегмент, мораме да бидеме многу попрецизни. Креацијата на тие шанси посебно од играчите во средниот ред каде што мислам дека и најчесто се одлучуваат натпреварите е проблем и тоа ќе се обидеме да го надминеме. Можеби еден од клучните проблеми во тој дел е тоа што на тие позиции во тимот немаме фудбалери кои стандардно настапуваа во странските клубови. Од друга страна, знаеме дека во моментот не можеме да сметаме ниту на играчите од младата репрезентација. Токму затоа моравме да бараме алтернатива за секој играч, и без оглед на имињата – мораме плански да создаваме. Да се работело на тој начин досега, ние денеска немаше да имаме проблем со алтернатива за било кој играч од средниот ред кој не е во добра форма.


Селекторе, јавноста нема многу трпение, бара подобри резултати и веќе очекува во тимот да се вклучат дел од играчите од младата репрезентација до 21 година?

-Јасно ми е дека јавноста со нетрение очекува подобри резултати, но без разлика на поразите на последните натпревари, јас сум непоправлив оптимист и тоа што го имам зацртано и реалните можности ќе го спроведам до крај, убеден сум дека сето тоа ќе ни донесе подобри резултати. Во однос на играчите од младата репрезентација, јас отворено реков и по моето назначување дека нивното вклучување во најдобриот тим е една од основните цели. Тоа и го направив со повикот на пет фудбалери од таа селекција за дуелот против Либан. По нивниот квлаификациски дуел со Украина и за пријателските натпревари во јуни поголем дел од тие фудбалери ќе добијат повик во А селекцијата. Целта е да се оформи тим од максимум 25-ет играчи, еден спој на младост и искуство и тие да го носат товарот на квалификациските натпревари. Најважно е секогаш да размислуваме за колективот, а фудбалот е колективен спорт, не е тенис. Успехот на екипата сигурно зависи и од индивидуалниот квалитет, но тој нема да донесе толкав успех, колку што тоа може да го направи колективниот пристап во приказната.

Неуморно работите на приближување на репрезентацијата до навивачите, преку учество во хуманитарни акции до директна комуникација преку социјалните мрежи. Каде ја гледате разликата помеѓу љубовта која и репрезентативците и Вие лично ја добивате кога директно комуницирате со луѓето во однос на негативностите кои од трибините и низ одредени медиуми се шират, а директно се насочени кон А селекцијата?

-Сите ние кои работиме во фудбалот, работиме во интерес на тој фудбал. Мене ми е жал што сите не работиме во иста насока, а тоа е за доброто на македонскиот фудбал. Оваа репрезентација е на сите, ако победуваме заслугите нема да бидат само на селекторот и играчите, туку на сите кои го поддржуваат тимот. Најлесно е да се критикува и да се кршат ѕидови кои веќе се напукнати. Мојата комуникација со играчите е конструктивна и интензивна и тоа е убаво и така треба и да биде. Ме радуваат позитивната атмосфера, сплотеноста и нивниот однос кога се во националниот тим.





   
   
Актуелности

27.03.2024    А репрезентација - Вести

„Анталија Куп 2024

Младата репрезентација на Македонија до 18 години одигра нов добар натпревар и ја забележа втората победа во рамките на ...

Календар
А репрезентација