Ѓорѓиоски: Со Кајмакоски не обединува истрајноста и вербата во себе

Објавено на 29 Септември, 2014 во Вести, Вести

Даниел Кајмакоски, нашата музичка ѕвезда официјално беше претставен како промотор на настапите на А репрезентацијата на Македонија.

Посакувајќи му добредојде во фудбалското семејство, претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски истакна дека вербата во себе, упорноста и истрајноста се карактеристиките кои не поврзуваат и ќе бидат заедничко мото во квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство.

-Не радува соработката со Даниел Кајмакоски како заштитно лице на ФФМ и репрезентацијата во квалификацискиот циклус. Даниел е млад човек со интересна животна приказна. И покрај сите тешкотии и препреки веруваше и верува во себе и своите квалитети и никогаш не се откажува од својот сон. Тежок е патот до успехот, за да се стигне до него потребна е многу напорна работа, но пред се верба во себе, упорност и истрајност пред сите препреки. Токму овие карактеристики не поврзуваат со Даниел и ќе бидат заедничко мото, водилка на патот кон успехот, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

Даниел Кајмакоски го потенцираше задоволството од потпишаната соработка со ФФМ.

-Во следниов квалификациски циклус ќе ја имам таа чест да соработувам со ФФМ и се радувам на тоа како мало дете, што имам мој дрес со број и име. Се запознав со играчите во Шпанија и ме одушеви тоа што добро ме прифатија како пријател. Едно е јасно, дека без поддршка од нашите луѓе немаше да го постигнам успехот кој го имам. Фудбалот е спорт со кој јас израснав, и до ден денеска го сакам со не помала страст. Како и за многу други работи во животот, упорноста, напорната работа се повеќе од неопходни за успех. Јас до мојот успех стигнав со поддршка од целокупната нација. И на овие фудбалери им треба безрезервна поддршка за да дојдеме до посакуваните успеси на европската сцена – рече Кајмакоски.

Даниел Кајмакоски ќе има музички настап на Националната арена „Филип Втори“ еден час пред почетокот на натпреварот Македонија – Луксембург на 9. октомври.

Фудбалската федерација на Македонија  ќе овозможи бесплатен влез за ученици од  прво до осмо одделение, за деца без родители, и од социјално ранливи категории за натпреварот Македонија-Луксембург кој ќе се одигра на 9. октомври, со почеток во 20:45 часот. Децата можат да дојдат на натпревар заедно со родител / старател, а потребно е само истиот ден, по можност порано во текот на денот, да покажат ученичка книшка на билетарата на арената „Филип Втори“ и да го подигнат бесплатно својот билет.




   
   
Актуелности

27.03.2024    А репрезентација - Вести

„Анталија Куп 2024

Младата репрезентација на Македонија до 18 години одигра нов добар натпревар и ја забележа втората победа во рамките на ...

Календар
А репрезентација