ФФМ и УЕФА фондацијата за деца со поддршка за СОС Детско село

Објавено на 20 Мај, 2019 во Вести


Под слоганот „Обединети во радоста што ја носи фудбалот“ во СОС Детско село официјално беше пуштено во употреба реконструираното фудбалско игралиште финансирано од Фондацијата за деца на УЕФА, а поддржано од Фудбалската федерација на Македонија.

Целта на проектот кој се спроведува во соработка со ФФМ е да го подигне спортскиот дух на децата и младите без родителска грижа и да го зајакне нивниот ментален развој низ призмата на тимска работа, соработка и мотивација за постигнување на резултати.

На денешното отворање на теренот со вештачка трева во рамки на СОС Детско село присуствуваа и раководните луѓе на ФФМ, претседателот Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски.

СОС Детското село повеќе од 15. години посветено работи и се бори за заштита на детските права во нашата земја, а овој придонес на ФФМ во реконструкцијата на фудбалското игралиште е наша поддршка, не само за вас, туку и за сите деца од заедницата кои ќе го користат овој терен. Драго ми е што ја поддржавме работата на СОС Детското село и ве номиниравме да ја добиете наградата од УЕФА, на овој начин сите заеднички придонесуваме преку фудбалот да се подобри квалитетот на живот на децата во нивната заедница и да ги штитиме вистинските вредности. Од мое и од името на Фудбалската федерација на Македонија ви честитам за реализацијата на проектот, убеден сум дека ова ќе биде инспирација повеќе деца да играат и да уживаат во фудбалот, затоа што - Фудбалот е за сите“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Во општеството мораме да бидеме реални и толерантни, мораме да бидеме луѓе кон сите и да имаме почит кон сите. Можеби единственото нешто за што размислуваат децата е како да дојдат до топка и како да играат фудбал, а Фудбалската федерација на Македонија со поддршка на УЕФА секогаш ќе вложува и ќе поддржува вакви проекти. Наша должност е да се избориме за што повеќе средства кои ќе се користат за ваков тип на проекти, за да им дадеме основа на децата, а тие понатаму ќе се развиваат. Најважно е децата да бидат задоволни, затоа што нивната насмевка не може да се купи, а вреди многу. Мислам дека голем број на деца играат многу повеќе животни „натпревари“, отколку што ние како федерација организираме, но една од нашите улоги е да им помогнеме колку што можеме. Како социјално одговорна организација мило ми што придонесуваме преку фудбалот да се подобри квалитетот на живот на деца од социјално ранливи категории кои живеат во СОС детското село“, изјави генералниот секретар, Филип Поповски.

Еден од важните сегменти во работата на СОС Детско село е да делуваме во правец на поддршка и на зајакнување на заедниците со цел да се креира позитивна средина во која децата и младите ќе може да се развиваат, истакнуваат од СОС Детското село.

“Оваа година ја одбележуваме и триесет годишнината од Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации. Токму, едно од фундаменталните детски права е правото на игра и на живот во добра и здрава околина. Токму затоа, веруваме дека реконструираното и модерно игралиштето ќе биде едно од омилените места за децата од населба Ченто кое ќе им овозможи многу мигови на дружба, и ќе придонесе за развој на психо-физичкото здравје, ќе ги зајакнува самодовербата, вештините за комуникација, соработка и тимски дух. Ова секако ќе придонесе и за поголема инклузивност на децата во општина Гази Баба. Во рамки на проектот Фудбалот е моќ, ги вклучивме децата во спортско-рекреативни активности, со континуирана поддршка од професионалци / тренери кои постојано работат со нив. Проектот цели кон поттикнување и развој на спортскиот дух кај децата, а со тоа и промовирање на здрав начин на живот. Уште повеќе, фудбалот им овозможува да ги зајакнат сопствените капацитети, способности и вештини кои ќе придонесат за нивна самореализација.Низ годините, успеваме активно да придонесуваме кон заедницата, благодарение на многуте партнери, донатори и пријатели на нашата организација. Денес особено им се заблагодаруваме на нашите партнери: Фудбалската федерација на Македонија и УEФА Фондацијата, без кои овој подвиг ќе беше невозможен, изјави Зорица Серафимовска Арсовска, претседател на Управен одбор на СОС Детско село Македонија. 




   
   
Актуелности

14.10.2019    Вести

Македонската репрезентација до 21 година го одржа последниот тренинг во пресрет на дуелот со Казахстан

Ристовски и Руфати: Не се сомневаме дека тимот повторно ќе го даде најдоброто од себе за нова победа во квалификациите....

Календар
А репрезентација