Др. Камиловски: „Вистината е дека работиме според строгите прописи на ВАДА, УЕФА и ФФМ“

Објавено на 23 Ноември, 2015 во Вести

По повод изречената суспензија од дисциплинската комисија на Уефа за Аријан Адеми поради позитивна допинг контрола за што ФФМ сеуште официјално нема добиено допис, своја реакција упатува Др. Виктор Камиловски, доктор на репрезентацијата на Македонија

Во продолжение ја пренесуваме изјавата на Др. Камиловски.

Почитувани,

Најпрвин сакам да го изразам моето жалење за целокупната ситуација во врска со допинг контролата за Аријан Адеми, инаку мој добар пријател и одличен фудбалер. Моментите се навистина тешки и Аријан ја има мојата максимална поддршка да издржи до крај.

Како долгогодишен доктор на македонската фудбалска репрезентација под секаква кривична и морална одговорност изјавувам дека јас и мојот медицински тим работиме, а во иднина така и ќе биде, согласно строгите и прецизни пропозиции на ВАДА, УЕФА и Правилникот на ФФМ. Тоа е вистината, се друго е во доменот на шпекулациите и можност за зголемување на публицитетот како во Македонија така и во Хрватска и сето тоа за жал врз судбината на еден многу добар и надежен играч кој ги брани боите на нашата фудбалска репрезентација.

Исто така, сакам да кажам дека пронајдената супстанца во крвта на Адеми е Stanosolol, синтетски анаболен стероид. Истата супстанца е 35 пати појака од другите (како methyltestosteron) ја користат главно билдерите како стимуланс за подобрување на физичките перформанси и тоа со зголемување на продукцијата на еритроцитите како и мускулната маса. Во медицината се користи за лекување на некои видови на анемија и за хередитарен ангиоедем.

Но, за мене како спортски трауматолог останува отворено прашањето дали можеби суспензијата не е превисока знаејќи дека во исти случаи, но во различни големи клубови казната била многу поумерена.

Уште еднаш официјално изјавувам дека во мојата пракса ниту сум дал, ниту под било каков притисок ќе дадам недозволена допинг супстанца на спортист.

Секое понатамошно неоправдано користење на моето име ќе го сметам директно како клевета и нарушување на угледот и честа на мојата личност како високо рангиран професионалец за што ќе имам необорливи докази за било кој суд во земјата и на интернационално ниво.

Др. Камиловски

Спец. Хирург и спортски трауматолог




   
   
Актуелности

16.04.2024    Вести

ФФМ и федерациите од регионот со безусловна поддршка за Александар Чеферин

На регионален состанок во Тирана, асоцијациите од Југоисточна Европа дискутираа за различни прашања и предизвици. Безусл...

Календар
А репрезентација