А репрезентација: Во Жилина ќе бидеме конкурентни

Објавено на 08 Јуни, 2015 во Вести, Вести

Македонската А репрезентација ги продолжува подготовките спроти квалификацискиот натпревар против Словачка во Жилина од квалификациите за Европското првенство.

Денеска нашата најдобра селекција го одработи првиот од двата планирани тренинга. Единствено дефанзивецот Ванче Шиков не работи со екипата поради повреда и болка во градниот мускул. Стефан Спировски, членот на скопски Вардар и македонски репрезентативец вели дека ќе Македонија ќе биде подготвена квалитетно да му се спротивстави на фаворитот Словачка.


-Ќе биде тешко, но ние ќе бидеме подготвени и мотивирани да одиграме добар натпревар. Знаеме што можеме и што сакаме. Работиме одлично, ги следиме методите на работа на новиот селектор и сите сме многу позитивни. Сигурен сум дека тоа ќе го пренесеме и на теренот против Словачка. Мораме да го дадеме најдоброто од себе. Словачка е фаворит, но и ние се подготвуваме за натпревар во кој ќе се бориме за позитивен резултат, вели Спировски. 


Македонската репрезентација ќе се обиде да се претстави во најдобро светло против првопласираниот тим во групата. Бесарт Абдурахими вели дека мораме да бидеме одлично организирани против словаците.

-Многу позитивно за нас е тоа што селекторот наметна своја визија за работа која сите ја прифативме и го подигнавме тимскиот дух во репрезентацијата. Во изминатите пет дена навистина работиме одлично, но вистинското допрва следува. Мора да бидеме многу добро организирани во сите фази од натпреварот против Словачка. Се надевам дека секој ќе се однесува на висина на задачата и ќе ги следи инструкциите на стручниот штаб. Се надевам на добар наш натпревар, изјави Абдурахими.





   
   
А репрезентација